Кери во Москва: Што се договорија Русија и САД?

Владимир Путин и Џон Кери.

Владимир Путин и Џон Кери.

Ројтерс
Државниот секретар на САД Џон Кери беше во работна посета на Кремљ и заедно со претседателот на РФ Владимир Путин и со првиот човек на руската дипломатија Сергеј Лавров го разгледаа сириското прашање. Според руските експерти, Соединетите Американски држави покажале определена еластичност во своите позиции.

Работната посета на државниот секретар на САД Џон Кери на Москва во вторникот, 15 декември, заврши со тричасовни преговори со рускиот претседател Владимир Путин и првиот човек на руското МНР Сергеј Лавров. На дневниот ред во Кремљ беа три клучни теми: решавање на сириската криза, реализација на минскиот договор во Украина и билатералните односи помеѓу РФ и Соединетите Американски Држави. Станува збор за „предметни и конкретни“ преговори, рече министерот за надворешни работи Лавров на брифинг со новинарите по средбата. „Без оглед на разните становишта помеѓу нашите земји, ние покажавме дека Русија и САД се движат во ист правец, дека е можно да се постигне напредок“, изјави од своја страна Кери.

Како главен резултат од средбата се смета уточнувањето на списокот на оние сили на сириската опозиција кои можат да се наречат потенцијални партнери, забележа во интервју за „Руска реч на македонски“ генералниот директор на Рускиот совет за меѓународни работи Андреј Кортунов. Во крајна линија, постои единствено мислење дека Исламската држава и Џебхат ан Нусра (локална филијала на Ал Каида, обете организации се забранети во Русија) ќе останат надвор од рамките на политичкиот процес. Како што изјави Кери, позициите на Вашингтон и на Москва во врска со ова прашање се навистина доближени.

Вториот значаен момент е претстојната средба на групата за поддршка на Сирија на ниво на министри во Њујорк на 18 декември и најавеното учество на Сергеј Лавров. Русија смета дека проектот на договорот за Сирија постигнат во Виена ќе биде даден на разгледување во Советот за безбедност на ОН. „Оваа средба ќе даде дополнителен импулс на виенскиот процес, таа ќе може да повлече конкретизирање на етапите и на карактерот на преодниот политички период во Сирија“, смета Кортунов.

Поинаков тон

За големи промени во позициите на Москва и на Вашингтон не може да се зборува. Претставата за судбината на сирискиот претседател Башар ал Асад остануваат непроменети, иако од американската страна сепак беше покажана определена еластичност. „Соединетите Американски Држави повеќе не се толку активни во барањето за смена на режимот во Сирија“, констатира постариот научен соработник на Центарот за арапски и исламски истражувања при Институтот за ориенталистика на РАН Борис Долгов, повикувајќи се на државниот секретар. „Ние рековме дека не сметаме оти Асад има можност да биде лидер на Сирија во иднина. Но, денес не го фокусиравме вниманието на нашите разлики и на тоа што може веднаш да биде направено во врска со Ал Асад. Ние нашето внимание го фокусиравме на политичкиот процес“, рече Кери по преговорите.

Ова, според Долгов, претставува „нов збор“ во реториката на САД.

Но, ваквата еластичност не треба да се прифати како желба на Вашингтон да ја прекине здодевната криза во односите со Русија, се согласуваат соговорниците на „Руска реч на македонски“. Целите на Соединетите Американски Држави  на Блискиот Исток како и претходно се разликуваат од руските, како што се разликуваат и нивните позиции за други клучни прашања од светската политика.

Фактички, Џон Кери се појави во Москва како специјален пратеник на Барак Обама, за да ги разгледа со Владимир Путин оние прашања што Обама сакаше да ги продискутира, вели продеканот на факултетот за светска економија и светска политика при Вишата школа за економија Андреј Суздаљцев. Но, не треба да не се земе предвид дека појавувањето на Кери во Москва е и пи-ар за кампањата на САД, обид да го задржи статусот на борец со светското зло, што го доби по 2001 година, и кој сега толку брзо го губат, смета експертот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња