Авионот Ербас А321 на компанијата „Когалимавиа“ полета од Шарм ел Шеик и требаше да стаса на аеродромот „Пулково“ во Санкт Петербург во 12.20 по локално време. Во него се наоѓаа 224 лица, вклучувајќи дваесет и пет деца и седум членови на екипажот. Со овој чартер-лет од египетското одморалиште патуваа туристи – државјани на Русија од 13 региони на РФ, како и државјани на Украина и на Белорусија. На нивните профили на социјалните мрежи се ставени фотографии во егзотичен источен амбиент и радосни коментари: „Ура! Одиме да се сончаме“; „Летот доцни, но со мислите веќе сум таму“; „Никогаш не претпоставував дека Египет во мене ќе предизвика толку позитивни чувства“.
Веќе во 11 часот во салата за пречек на патниците на аеродромот „Пулково“ почнаа да пристигнуваат луѓе чии членови на семејството и пријатели летаа со овој авион од Египет. Сите не дознаа веднаш што се случило. Оние што веќе имаа слушнато нешто стоеја настрана покрај таблото со информации и не знаеја што да прават и кому да му се обратат. Плачеа и со надеж го погледнуваа распоредот на летови. Пишуваше дека авионот доцни. Половина час пред предвиденото време на слетување на авионот од таблото исчезна информацијата за статусот на оваа авионска линија, но луѓето и понатаму се обидуваа да воспостават телефонска врска со своите и до последен момент веруваа дека не се случило она најлошото.
Пред поаѓањето од Египет родителите на десетмесечната Дарина Громова ја фотографирале својата ќерка како преку стаклото на аеродромот ја гледа пистата. Мајката Татјана на социјалните мрежи ја објавила фотографијата на малата Дарина со потпис „Главниот патник“. Подоцна оваа фотографија ќе стане симбол на овој злокобен лет. Речиси милион луѓе ја презедоа оваа фотографија во знак на сеќавање. „Никој од нив не знаел дека оваа порака ќе биде последна во нивниот живот“; „Немам зборови...“ – пишуваа потресените луѓе на Интернет.
Главниот патник. Извор: лична архива
Татјана и Алексеј се венчале во август минатата година. На нивната свадбена видеоснимка тие танцуваат валцер, а мајката на Алексеј ги брише своите солзи-радосници. „Му благодарам на сопругот за оваа година, за ќерката, за грижата и љубовта!“, напишала Татјана. Покрај свадбената видеоснимка објавена е уште една: „Тања и Љоша. Како започна сè...“ На неа се прикажани нивните фотографии од детството, а потоа и заедничките. Татјана последен пат била на социјална мрежа на 15 октомври, на денот кога заминале во Египет.
Во оваа несреќа настрада и семејството Шеин. Последните снимки ги направиле во самиот авион, неколку минути пред полетувањето. На нив се Ољга, нејзиниот сопруг Јура, синот Жења (11 години), ќерките Валерија (10 години) и тригодишната Настја. „Здраво за Петербург, се проштеваме од Египет. Си одиме дома“, напиша Ољга Шеин. Ова било нивно прво семејно патување во странство, каде што Ољга и Јуриј на 27 октомври ја прославиле годишнината од својата свадба. Тоа биле последните две недели од нивните животи. „27.10.2005 година. Тоа е денот кога се сретнавме и засекогаш се засакавме. Потоа поминаа неколку години, на 27.10.2011 се венчавме. Сега сме среќни и прославуваме годишнини...“, напишала Ољга. Нејзиниот син Жења тренирал фудбал и пливање, ќерката Валерија исто така се занимавала со пливање и на натпреварувањата освојувала многу медали и пофалници. На профилот на Јуриј е поставена видоснимка од помладата ќерка Настја: нејзините први чекори и „првото колаче“, каде што се гледа како детето не може да се одвои од него.
Пред половина година постарата сестра на Светлана Крилова се занимавала со хиромантија, па кога ѝ гледала на сестра си на рака, видела дека нејзината линија на животот не преминува половина од дланката. Светлана само се насмеала – не поверувала дека ќе почине рано. Имала само 30 години и мошне впечатлив живот исполнет со многу патувања. Уште нестасана во Египет, таа веќе го планирала своето патување во Кина. Во авионот биле и нејзиниот сопруг Михаил и десетгодишната ќерка Кристина.
Екатерина Мурашова. Извор: лична архива
Екатерина Мурашова, која исто така настрада во несреќата, непосредно пред смртта на својот профил постирала песна која се вика „Знам дека повеќе нема да се вратам“. Имала 32 години, била прва убавица на Псков – победничка на изборот за мис. Нејзината ќерка Катја има 8 години. Екатерина сакала да се одмори пред роденденот, ја оставила својата ќерка во Русија и заминала во Египет со мајка си. „Рече: Ксјуша, одам да се одморам, а јас и ти ќе се видиме на 1 ноември и ќе ти кажам каде ќе го прославиме роденденот“, се сеќава нејзината пријателка. „Сега, наместо тоа, одам на нејзиниот погреб“.
Освен патници, во несреќата настрадаа и членови на екипажот. „Тој се бараше себеси. Се обиде да се најде на земја, но рече дека не може без авијацијата и дека го сака небото“, вели Ана, сопругата на стјуардот Станислав Свиридов. Тие имаат ќерка и син. Пред телевизиските камери гласот на Ана трепери. Неколку недели пред авионската несреќа Станислав бил повнимателен и поблаг од вообичаеното, како да претчувствувал дека наскоро ќе загине. „Јас му велам: ‘Штом стасаш јави се’. А, тој постојано се шегува: ‘И ти си стјуардеса, што ќе ти е тоа...? Ако се случи нешто ќе слушнеш на вести’“. Се чини дека тој сакал да биде подготвен за животот, но и за смртта. Постојано гледал и проучувал авионски несреќи од сите агли, се сеќава неговата сопруга.
Ана Тишинска. Извор: лична архива
Еден друг стјуард, Олег Ермаков, исто така имал лошо претчувство и поверувал во него. Тоа и го спасило. Требало да лета на 31 октомври со тој авион. Но, две недели пред несреќата неговиот татко сонувал дека ќе се случи авионска несреќа и дека неговиот син ќе загине. „Олег, дај отказ“, му рекол татко му. Неколку дена пред злокобниот лет стјуардот дал писмен отказ по сопствена желба. Постоеле неколку причини, вели тој, а една од нив била инсистирањето на татко му. Но, Олег Ермаков не ги убедувал своите колеги да не летаат, ниту се повикувал на сонот на татко си.
Во „Пулково“ атмосферата е сè уште тешка. Во зградата е необично тивко, а платото пред влезот е преполн со цвеќиња и со свеќи. На загинатите деца луѓето им носат бонбони, кекс, колачиња и цртежи од други деца. „Цвеќињата на аеродромот, па дури и пораките на Фејсбук – сето тоа помага [да се ублажи болката]“, напиша на својот профил на Фејсбук сестрата на загинатата Ана Тишинска. Таа и понатаму се обидува да ѝ се јави на телефон на сестра си: сè сфаќам, но секој пат ми застанува здивот и чекам да слушнам сигнал. Но, сигналот го нема. Во моментов корисникот е недостапен. Ми годи како луда да верувам тоа ‘во моментов’“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче