Јенс Столенберг, Генерален секретар на НАТО.
РојтерсВо Брисел се одржа средба на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО. На неа, меѓу другото, се дискутираше и за дејствијата на алијансата во Источна Европа и за воената кампања на Русија во Сирија.
Отворајќи го самитот на 8 октомври, генералниот секретар на НАТО Јенс Столенберг ја поздрави одлуката на Велика Британија за испраќање на свои војници на ротациска основа во балтичките земји и во Полска. Столенберг, исто така, соопшти за одлуката за создавање два дополнителни командни центри (штаба) – во Словачка и во Унгарија. Во земјите од Источна Европа веќе постојат шест вакви центри. НАТО, исто така, конечно го одобри планот за создавање сили за брзо распоредување, со кој се предвидува зголемување на бројот на 40 илјади војници. Неопходноста за „зацврстување на алијансата“ генералниот секретар ја објасни во прв ред со кризата во Украина и со операцијата на РФ во Сирија.
Одлуките што беа обелоденети во Брисел предизвикаа очекувана реакција од страна на Москва. НАТО ги прикрива своите дејствија за понатамошна експанзија кон руската граница со „измислени предлози за можна закана, која, наводно, произлегува од Русија“, изјави порт-паролот на рускиот претседател Дмитриј Песков. Првиот човек на комитетот за меѓународни работи на Државната дума Алексеј Пушков реагираше поемоционално. Тој ја нарече одлуката на НАТО заштита на балтичките земји од „заканите“ од страна на Русија „театар на апсурдот“.
Министерот за одбрана на Велика Британија Мајкл Фелон изјави дека Лондон во балтичките земји и во Полска ќе испрати 100 војници. Без оглед на малиот број на овој контингент, руските експерти претпоставуваат дека ваквите чекори претставуваат определен предизвик за Русија. „Како сценарио за целосна војна (дејствијата на НАТО) не претставуваат опасност за Русија, а како сценарио за ограничена војна – безусловно да“, изјави за „Руска реч на македонски Алексеј Фененко, соработник на Институтот за проблемите на меѓународната безбедност при Руската академија на науките. Иван Коновалов, прв човек на независниот Центар за стратешка конјунктура, забележува дека за Русија можат да бидат опасни штабовите што ги организира НАТО, односно центрите за управување и врски. Според информации од медиумите, во штабовите ќе работат околу 40 лица, кои најмногу ќе се занимаваат со подготовка и со решавање на логистичките прашања. „Ваквите структури се потребни со цел брзо да се соберат групации на определена точка. Сега излегува дека доколку станат осум, тогаш ќе ги има во сите земји на Источна Европа кои се наоѓаат до границата на поранешниот СССР. <...> Во принцип со помош на ваквите центри, по желба, ќе биде мошне лесно да се создадат вакви групации“, изјави експертот за „Руска реч на македонски“.
Заменикот на првиот човек на комитетот за одбрана на горниот дом на рускиот парламент Франц Клинцевич изјави дека Русија ќе реагира на појавата на новите штабови на алијансата во рамките на постоечката воена доктрина. „Реакцијата (на Москва) ќе биде мошне тивка и конкретна, таа ќе биде издржана во рамките на постоечката воена доктрина“, изјави за „Руска реч на македонски“ сенаторот, не уточнувајќи, сепак, со какви имено мерки ќе одговори Русија. Во исто време, според мислењето на експертите со кои контактиравме, најверојатен одговор на РФ би бил зголемување на воените групации на западните граници од земјата.
Во Брисел стана збор и за руската воена кампања во Сирија. Столенберг уште еднаш го искажа прекорот на Западот кон РФ, изјавувајќи дека Москва во најголем дел не ја напаѓа ИДИЛ, туку „другите опозициски групи“. Со необично жестока изјава во врска со кампањата на РФ во Сирија излезе и првиот човек на Пентагон Ештон Картер. Тој предвиде дека дејствијата на Москва „ќе имаат последици за самата Русија, која основано се плаши од напади“. „Во следниве денови Русија ќе почне да поднесува загуби во Сирија“, рече тој. Реакцијата на Министерството за одбрана на Русија на изјавата на Картер ја пренесе официјалниот претставник на ресорот Игор Конашенков. „Во своите оценки на дејствијата на американските воени сили во различни операции што ги извршуваат низ целиот свет, претставниците на Министерството за одбрана на Русија никогаш не се спуштале на јавно очекување за загуба на американските војници. Да не зборуваме, пак, за обичните Американци“, подвлече Конашенков.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче