Какви се резултатите од Париз?

Ројтерс
Во Париз беше одржана средба на лидерите на Русија Германија, Франција и на Украина, на која се разгледуваше исполнувањето на Минскиот мировен договор. Како што забележуваат руските експерти, главните резултати од средбата се однесуваат на прашањето за спроведување локални избори во самопрогласените републики на истокот од Украина – основен проблем на патот кон политичкото решение на кризата на југоистокот од Украина. Во Париз, меѓу другото, се разговараше и за руската воена кампања во Сирија.

Во француската престолнина беше одржана средба за Украина на која учествуваа лидерите на Русија, Германија, Франција и Украина. Едно од прашањата за кои се разговараше вчера беше спроведувањето на избори во ДНР и во ЛНР. Засега самопрогласените републики планираат да ги спроведат изборите одделно од останатата територија на Украина, на што Киев категорично се спротивставува.

Како што изјавија на прес-конференцијата лидерите на Германија и на Франција Ангела Меркел и Франсоа Оланд (Владимир Путин и Петро Порошенко веднаш по преговорите го напуштија Елисејскиот дворец), изборите во кризните региони треба да бидат одложени (изборите во Донецк треба да се одржат веќе по две недели) и да бидат спроведени според украинското законодавство. Сепак, според мислењето на експертите, тука треба да се земат предвид и интересите на кризните региони.

По разговори со ДНР и ЛНР

Како што беше објавено на прес-конференцијата, Киев треба да донесе закон за избори. Тоа треба да биде направено по разгледувањето на ова прашање со ДНР и ЛНР, за што секогаш се залагаа самопрогласените републики. Исто така треба да биде објавена амнестија, која ќе им овозможи на претставниците на републиките учество на изборите. Гласањето во Донбас треба да се одржи 80 дена по донесувањето на законот за избори од страна на Врховната рада и да биде набљудувано од страна на ОБСЕ.

Притоа, Ангела Меркел укажа на врската помеѓу ситуацијата со изборите и други прашања, за кои секогаш говореле и опонентите на Киев: со донесувањето на закон за посебен статус на Донбас и со уставната реформа. Карактеризирајќи ги резултатите на средбата, за ова говореше и портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Тој, исто така, изјави дека учесниците во средбата констатирале позитивни промени во повлекувањето на лесното вооружување од линијата на разграничување, процес кој треба да започне на 3 октомври на полноќ.

Како што изјави Меркел, лидерите на четирите земји можат да бидат задоволни од резултатите постигнати на средбата. Исто така беше речено дека исполнувањето на Минскиот договор може да биде продолжено и во 2016 година, со оглед на тоа што претходно се сметаше дека сиот комплекс мерки кои беа предвидени со договорот од Минск, ќе бидат реализирани до крајот на оваа година.

Без антируски контекст

Како што изјави за „Руска реч на македонски“ продеканот на факултетот за светска економија и светска политика при Вишата школа за економија Андреј Суздаљцев, учесниците на средбата констатирале прогрес во исполнувањето на Минскиот договор (Оланд изјави дека режимот на прекин на огнот на истокот од Украина во целост се почитува) и во исто време забележа дека ниту една од страните во целост не го исполнува. Според политикологот, со тоа од Русија беа симнати едностраните обвинувања за неисполнување на Минскиот договор, кои се слушаа од западните престолнини. „Никакви закани од страна на Русија не беа споменати. Односно, формално немаше никаков антируски контекст“, вели Суздаљцев, забележувајќи дека најверојатно тоа биле тешки разговори, со оглед на тоа што Путин не останал на прес-конференцијата.

Сепак, постои мислење дека постигнатиот договор за изборите во Донбас може да биде искористен за да се прекинат веќе закажаните избори во ДНР и во ЛНР. Откако изборите во Донбас ќе се откажат, а текстот на законот за изборите ќе биде предаден во Радата, таму тој може да биде блокиран од страна на пратениците, смета експертот на Центарот за воено-политички истражувања при Московскиот државен институт за меѓународни односи Михаил Александров, потсетувајќи на сложената судбина на сите нацрт-закони за Донбас во украинскиот парламент.

Операцијата во Сирија

На средбата во Париз, исто така, се разговараше и за воената кампања во Сирија, која веќе неколку дена ја водат руските ВВС против исламските екстремисти. На прес-конференцијата Оланд ја повтори позицијата на низа западни земји, во која се искажува загриженост за тоа дека РФ не ја бомбардира само Исламската држава, туку и низа други групи, чија дејност Запад и Сирија ја оценуваат на различен начин. Сепак, според Александров, ваквата реторика тешко дека ќе ја измени руската позиција за сириската криза. Според него, во Москва „никој нема да ги слуша ваквите изјави“, со оглед на тоа што за успешна борба со исламските екстремисти ќе треба да се „исчистат“ не само војниците на ИДИЛ, туку и на другите групи терористи кои соработуваат со нив.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња