Руските медиуми за кампањата во Сирија

MO на РФ
„Руска реч на македонски“ ги прегледа сите коментари на руските медиуми во врска со отпочнувањето на воената операција на Русија врз пунктовите на Исламската држава во Сирија и за вас ги избра највпечатливите.

Две сценарија

Бомбардирањата на руските воено-воздушни сили врз позициите на исламистите екстремисти во Сирија кои започнаа во средата на 30 септември, можат да се одвиваат според две сценарија: одбранбено и напаѓачко, пишува весникот Комерсант. Како што забележува изданието, сржта на првото сценарио е во тоа да ѝ помогне на владината војска на претседателот Башар ал Асад да го сочува средоземноморскиот брег и соседните области. „Имено таму компактно живеат приврзаниците на Башар ал Асад, врз кои најмногу се потпира неговата влада. Таму се наоѓаат два важни пристанишни града – Латакија и Тарус (во последниов се наоѓа седиштето за материјално-техничка поддршка на ВМФ на Русија)“, пишува весникот. Второто сценарио, напаѓачкото, според изданието, може да се изведува паралелно со одбранбеното. Тоа е секако поризично за Русија, но во исто време е позгодно од гледна точка на меѓународниот имиџ, се вели во статијата. „Идеална варијанта од гледна точка на пропагандниот ефект би можела да биде ослободувањето од ИДИЛ на Палмира со нејзините антички урнатини“, се вели во материјалот. Според мислењето на експертите што ги има консултирано Коменрсант, за руските специјални единици со поддршка на авијацијата и на сириската војска ваквата задача е возможна.

Весникот, повикувајќи се на извори во органите на оперативното воено управување, исто така соопштува за составот на групациите на ВВС на Русија во Сирија. Според информациите на Комерсант на аеродромот Хмејмим во близина на Латакија формирана е целосна мешана авионска групација од воени бомбардери Су-24М и Су-34, ловци-бомбардери Ми-24 и повеќенаменски Ми-8 од оние што се наоѓаат во вооружувањето на воените копнени сили на РФ.

Лавров бара докази

РБК го цитира шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој побара од Вашингтон да поднесе докази за тоа дека Русија напаѓа територии што не претставуваат позиции на ИДИЛ. Претходно Пентагон изјави дека е можно да се нападнати делови каде нема терористи.

„Постои загриженост од страна на нашите американски партнери во врска со тоа дека наводно тоа не биле тие цели, тие ги искажаа своите сомневања, тврдејќи дека тие поседуваат докази за тоа. Ние побаравме да ги изнесат (доказите), зашто ние одговараме за своите цели“, рече Лавров. Според министерот, ВВС на Русија работат исклучиво на цели кои се поврзани со ИДИЛ. „Им обрнав внимание на американските колеги дека искажаната загриженост за тоа дека цел на бомбардирањата не биле позиции на ИДИЛ не е заснована на ништо“, додаде тој.

Целта на руските сили се нафтоводите на ИДИЛ

„Новаја газета“ соопштува дека една од целите на руската воена операција во Сирија е ликвидација на еден од најсериозните канали на финансирање на ИДИЛ. Станува збор за бомбардирање на нафтоводите со кои исламските екстремисти нелегално тргуваат со нафта. Уште претходно изданието соопштуваше дека „во компјутерите на руските авиони во Сирија најпрво биле внесени координатите на пумпите кои даваат притисок во нафтоводите низ кои тече нафтата на ИДИЛ, а не само на местата каде се наоѓаат предводниците на терористите“. Сега „Новаја газета“ тврди дека има добиено информација за консултација на војниците со нафтаџиите. „Претставниците на Министерството за одбрана пред сè ги интересирало кои делови од пумпите што вршат испумпување на нафтата треба да бидат онеспособено, со цел да се оневозможи испумпување на нафтата, а со тоа и шверц со оваа суровина“, пишува весникот.

Сирија и Гаспром

Паѓањето на режимот на Башар ал Асад во Сирија се заканува со менување на билансот на европскиот гасен пазар, со оглед на тоа дека во тој случај Катар може да изгради директен гасовод преку сириската територија до Турција, пишува Газета.ру. Во врска со тоа, укажува изданието, засилувањето на сирискиот лидер Башар ал Асад може да биде исплатливо за Русија од гледна точка на конкуренцијата на гасниот пазар во Европа. Имено Сирија е оптимална маршрута за испорака во Турција, а понатаму во Европа за гасот од Катар, кој веќе е еден од главните доставувачи на пазарот во ЕУ. Сепак, политиколозите со кои стапило во контакт изданието, сметаат дека терористите од ИДИЛ што војуваат во Сирија станале многу независни од своите „спонзори“ и дури и во случај на паѓање на Ал Асад изградбата на нафтовод на територијата на Сирија би била мошне ризична.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња