На 30 септември руските воено-воздушни сили ги извршија првите авионски напади врз позициите на Исламската држава (организација што е забранета во Русија – заб. ред.) во Сирија. Оваа информација ја потврди и Министерството за одбрана на РФ. Според соопштението на официјалниот претставник на ресорот генерал-мајот Игор Конашенков, авионските напади се извршуваат врз јазлите за врски, врз транспортот, магацините со оружје, муниција и материјалите за подмачкување, врз воената техника, што им припаѓаат на терористите.
Според информации на американската телевизија Си-Ен-Ен, руската воздушна операција се одвива во предградието на Хомс. Ова за новинарите го изјавил извор од администрацијата на САД. Курдските медиуми известуваат за авионски напади во пределот на градот Хама, кој се наоѓа на 213 километри северно од Дамаск. Во Русија местата на авионските напади засега не се коментираат.
Поддршка на сириската армија
Во исто време претседателот на РФ Владимир Путин на состанок со членови на владата уште еднаш потврди дека учеството на Русија во копнени операции е исклучено, и дека Русија „нема намера да влегува со главата во овој конфликт“. „Ќе ја поддржуваме сириската армија исклучиво во нејзината законска борба имено со терористичките групи“, додаде претседателот. Според него, поддршката ќе одземе исто онолку време, колку што ќе се одвива копнената операција на сириската армија.
Освен тоа, Владимир Путин изјави дека сите странски партнери на Русија се информирани за нејзините планови, и им предложил на сите заинтересирани земји да се приклучат кон дејноста на меѓународниот информациски, а понатаму „координациски центар во Багдад“.
Нема да има одолговлекување
Почетокот на воздушната операција го поддржаа високопоставени политичари. Спикерот на Советот на федерацијата Валентина Матвиенко изјави дека горниот дом дал согласност за примена на воен контингент, со оглед на тоа што на Блискиот Исток веќе е потребна итна реакција и дека ситуацијата таму се развива според најнегативното сценарио. „Можна е закана за сиот свет, закана од навлегување на ИДИЛ во други земји, сè до Европа и до Русија“, изјави спикерот.
Претседателот на комитетот на Советот на федерацијата за меѓународни работи Константин Косачев од своја страна изјави дека примената на руската авијација во Сирија не претставува мешање во внатрешните работи, туку дека во овој случај Русија „нема никаков сопствен национален интерес, освен осигурување на безбедноста на сопствените граѓани на далечни простори“. Како што дознава онлајн-изданието Газета.Ru, на утринското затворено заседание на Советот на федерацијата на сенаторите им било речено дека „никој не е заинтересиран за одолговлекување на операцијата“. „Нè уверија дека при првата можност таа ќе биде прекината“, вели изворот.
Во Државната дума имаа сличен однос за почетокот на операцијата. „Одлуката на Путин претставува одлука на миротворец кој го штити својот народ. Претседателот мисли на својата земја, на своите луѓе“, смета првиот човек на комитетот за труд, социјална политика и работа со ветераните на Државната дума Ољга баталина. Претседателот на комитетот за одбрана на Државната дума адмирал Владимир Комоедов претпостави какви видови авијација ќе користи РФ во Сирија. „Предност ќе се даде на авијацијата за напад и за извидување, тоа се нашите серии Су, поточно Су-25, а исто така и бомбардери кои се универзални. Задолжително тука се хеликоптерите кои можат да ги нападнат овие цели“, изјави за информациската агенција ТАСС пратеникот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче