Путин доби дозвола за користење воена сила во странство

Ројтерс
Советот на федерацијата на РФ му дозволи на Владимир Путин користење на воен контингент на Русија во други држави. Ова од рускиот лидер го побара претседателот на Сирија Башар ал Асад. По сè изгледа сега Русија и САД навистина ќе почнат тесно да соработуваат против Исламската држава, сметаат експертите.

Советот на федерацијата на затворена седница дозволи користење руска воена сила во странство. Ова барање до горниот дом го поднесе претседателот на земјата Владимир Путин. Претходно со барање за укажување воена помош се обрати претседателот на Сирија Башар ал Асад.

Како што забележа на 30 септември, веднаш по донесувањето на одлуката, раководителот на Администрацијата на претседателот Сергеј Иванов, бројот на руски државјани кои се приклучуваат на Исламската држава (организација забранета во Русија – заб. ред.) брзо расте, „станува збор не за десетици, не за стотици, туку за илјадници луѓе“ и овој проблем треба да се решава на долги патеки. „Ова решение е основано од ваквиот национален интерес“, појасни тој. Сергеј Иванов потсети дека ова не е прв случај кога Русија ќе ги вклучи своите вооружени сили за борба против тероризмот надвор од своите граници: „На почетокот на деведесеттите години од минатиот век практично истото го имавме во Таџикистан“.

„Користењето на вооружените сили на територијата на трети земји е можно или по резолуција на Советот за безбедност на ОН, или по барање на легитимен раководител на земјата, - ја коментира согласноста за користење воен контингент портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков. – Во овој случај Русија фактички ќе биде единствената земја која ја врши операцијата на легитимна основа, а имено по барање на легитимниот претседател на Сирија“.

Фактот што сите останати земји кои вршат авионски напади на територијата на Сирија, дејствуваат надвор од меѓународното право, го потенцира и раководителот на администрацијата на претседателот Сергеј Иванов. „Станува збор за принципиелна разлика во нашиот приод и во приодот на нашите западни партнери. Тие не почитуваат, а ние почитуваме“, изјави тој.

Изгледа се договориле

Неколку дена пред донесувањето на одлуката, пред започнувањето на јубилејната сесија на Генералната асамблеја на ОН во интервју за американскиот телевизиски канал CBS Владимир Путин изјави дека Русија нема да учествува во какви било воени операции на територијата на Сирија или на други земји. „Во секој случај, за денес немаме такви планови“, изјави претседателот.

Сепак, како што изјави за „Руска реч на македонски“ директорот на центарот за меѓународна безбедност при Институтот за меѓународна економија и меѓународна одбрана на Руската академија за науки Алексеј Арбатов, станувало збор за копнени операции. „Ова не се однесува за авионски напади врз позициите на Исламската држава“, вели тој. Со него се согласува и воениот експерт, полковникот во пензија Виктор Литовкин: „Путин зборуваше за копнени операции. Во нив Русија нема да учествува, но поддршка од воздух, поддршка во разузнавање, напад на базите на терористите – од ова Русија не се откажа. И, по сè изгледа, по преговорите со Барак Обама (кои се одржаа на маргините на Генералната асамблеја) биле донесени некакви одлуки за учество на Русија во оваа операција“.

Договорот помеѓу лидерите на Русија и на САД беше потврден и од американската амбасада во РФ, преку коментарот на одлуката на Советот на федерацијата. Претседателите на двете земји се договориле дека тие имаат заеднички интереси во борбата со терористите од ИДИЛ во овој регион, велат од американската дипломатска мисија во Русија.

Секако, ова уште не значи дека Русија се согласила да влезе во меѓународната коалиција против ИДИЛ под водство на САД. „Најверојатно тоа ќе биде тесна соработка на Русија заедно со своите сојузници - Ирак, Иран и Сирија. Фактички, соработка на една коалиција со друга“, изјави за „Руска реч на македонски“ директорот на Центарот за стратешка конјунктура и експерт од областа на меѓународната безбедност Иван Коновалов, кој додаде дека за легитимно учество на руските авиони во воени дејствија е потребна одлука на Советот на федерацијата (донесувањето одлука за можност за користење на вооружените сили на РФ во странство е во компетенција на Советот на федерацијата во согласност со Уставот). Последен пат оваа процедура беше помината во март минатата година, кога горниот дом едногласно му дозволи на претседателот користење на силите во Украина. „Но, оваа можност не беше искористена“, потсети експертот.

По сè изгледа, овој пат Русија планира да ја искористи добиената дозвола. Како што изјави Сергеј Иванов, сите социјални и финансиски прашања, поврзани со обезбедувањето на руската војска веќе се донесени, но според „разбирливи причини“ тој не можеше да обелодени во кои рамки и со каков вид оружје Русија ќе даде воена поддршка на Сирија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња