Средбата помеѓу Путин и Обама ќе се одржи во Њујорк во рамките на 70 сесија на Генералната асамблеја на ОН. Интересно е што, објавувајќи ја средбата на двајцата лидери во Москва и во Вашингтон на различен начин беше најавена и основната тема: во Русија велеа дека тоа е прашањето за Сирија, а во САД велеа дека е Украина.
Сирија
Портпаролот на рускиот лидер Дмитриј Песков, говорејќи за претстојната средба на Владимир Путин со Барак Обама, изјави дека „прва тема“ на разговорите ќе биде Сирија. Во последно време Русија ја активираше својата политика во овој правец. Официјална Москва излезе со предлог за создавање широк антитерористички фронт на Блискиот Исток, додека медиумите почнаа да известуваат за засилување на руското воено присуство во Сирија.
Од своја страна, официјалниот претставник на Белата куќа Џош Ернест изјави дека на средбата Обама ќе го повика Путин да ја разгледа можноста за приклучување на Русија кон веќе постоечката коалиција против екстремистичката група ИДИЛ. Притоа, според Ернест, Обама ќе му зборува на рускиот претседател за грешката, од гледна точка на американската администрација, на идејата за поддршка на сирискиот претседател Башар Ал Асад.
Како што изјави на 25 септември за новинската агенција Интерфакс шефот на одделот за прашањата на новите предизвици при МНР на РФ Иљја Рогачев, Русија може да се приклучи на коалицијата против Исламската држава, доколку таа добие санкции од Советот за безбедност на ОН и доколку дејствува под раководство на ОН при целосно почитување на меѓународното право.
Во исто време постои мислење дека сириската агенда за Владимир Путин претставува начин за реанимација на односите со САД и со Западот. „Задача на Путин е да ја прекине оваа блокада. Мислам дека тој патува со конкретни предлози за Сирија. <...> Но, за западните земји да зборуваат повеќе за Сирија, а не за Украина, тие предлози треба да бидат навистина сериозни“, изјави за Газета.ру професорот на Европскиот универзитет во Санкт Петербург, историчар-американист Иван Курила.
Меѓу другото како што изјавуваат за овој медиум од американската страна што се занимава со подготовката на средбата помеѓу Путин и Обама, во Вашингтон не знаат со какви предлози доаѓа рускиот лидер во Њујорк.
Никогаш немаме слушнато јасна изјава за тоа како Русија го гледа своето учество во решавањето на ситуацијата, позицијата за Ал Асад, а исто така, како таа го замислува предавањето на власта во земјата, - подвлекува изворот од американската страна. – Ние многу би сакале од Путин да слушнеме јасна позиција на Русија“.
Украина
Во исто време претставникот на Белата куќа Џош Ернест укажа на тоа дека основна цел на средбата на претседателите ќе биде разгледување на ситуацијата во Украина.
Според него, на средбата претседателот на САД „ќе се фокусира на тоа да се увери дека Москва ќе ги оправда очекувањата кои се однесуваат (на исполнувањето) на Минскиот договор“. Разгледувањето на украинскиот проблем претставникот на Белата куќа го нарече „основна мисија на овие билатерални преговори“. Можноста за дискусија за Украина службеникот ја нарече „предност на средбата“.
Притоа, според Дмитриј Песков, разговорите околу ситуацијата во Украина ќе зависи од тоа „колку ќе дозволи времето“. Песков појасни дека основната дискусија за ситуацијата во Украина ќе се одржи во Париз на средбата на лидерите на земјите од нормандиската четворка (Русија, Германија, Франција и Украина) на 2 октомври. Според Иван Курила „најверојатно (на средбата на Путин и Обама) може да стане збор за замрзнување на ситуацијата“.
Според украинскиот политиколог Владимир Фесенко, Путин ќе се бори за признавање на посебните интереси на Русија во Украина. Како што изјави Фесенко за изданието Сегодня.ua, пред сè ова се однесува на прашањето за стапувањето на Украина во НАТО.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче