Што ќе значат изборите во Донбас?

EPA
Првиот човек на самопрогласената република на југоистокот од Украина даде наредба за спроведување локални избори на териториите што се под нивна контрола, а кои би биле независни од гласањето на останатите делови од Украина. Киев ја критикуваше оваа одлука, обвинувајќи ги Донецк и Луганск за нарушување на Минскиот мировен договор. Експертите сметаат дека спроведувањето избори на југоистокот од Украина може да доведе до замрзнување на конфликтот и до продолжување на санкциите против РФ.

Лидерите на саморогласените Луганска и Донецка Народна Република потпишаа укази за спроведување локални избори на 1 ноември, односно на 18 октомври годинава. Во ЛНР и во ДНР уверуваат дека нивното организирање не го нарушува Минскиот договор.

Изборите треба да се одржат во неколку етапи и да завршат во 2016 година. Организацирањето избори во немирните региони на Донбас е еден од клучните елементи на Минскиот договор за политичко решавање на конфликтот. Сепак, согласно последното „моделирање“ нивното спроведување страните треба да го извршат во текот на дијалогот, а тоа досега не е направено. Во исто време, изборите треба да се одвиваат во согласност со законодавството на Украина и со специјалниот закон за статусот на Донбас.

Во исто време, по одлука на Киев, законот нема да стапи на сила до изборите, како што е пропишано со Минскиот договор, туку по нивното спроведување. Сепак, тие ќе бидат организирани врз основа на условите определени од страна на украинските власти. Ова е категорично неприфатливо за претставниците на ДНР и на ЛНР, за кои фактички нема место во киевското сценарио. Како што соопштува РБК, тие настојуваат на последователност во политичките чекори, кои се определени во Минскиот договор: усогласување и прифаќање на нов закон за избори од страна на Киев, стапување на сила на законот за посебен статус, уставни реформи и амнестија. Ова е платформата за која тие се подготвени да ги разгледуваат компромисите – спроведувањето избори на начин кој би одговарал и на позициите на Киев.

Основа на државата

Претседателот на Украина Петро Порошенко, коментирајќи го решението на лидерите на самопрогласените републики, повика за засилување на санкциите против РФ и го спореди претстојното гласање со изборите за лидери на републиките од 2 ноември минатата година. Во нив тој ја гледа причината за ескалација на воените дејствија и за неуспехот на Минскиот договор од септември 2014 година.

Лидерот на ДНР Александар Захарченко, зборувајќи за значењето на изборите, изјави дека „тие се важни за државата воопшто“. „... Со овие избори ние ја завршуваме етапата на изградба на самата држава. Тоа е каменот што го ставивме во темелите, а сега ќе градиме ѕидови и покрив“, изјави Захарченко, подвлекувајќи дека изборите ќе бидат фер, демократски, со поканети набљудувачи.

Предмет на тргување

Без оглед на објавените датуми за изборите, експертите претпоставуваат дека постигнувањето компромис помеѓу Донбас и Киев во врска со ова прашање е невозможно. Многу нешта, според нив, се поврзани со претстојната средба во нормандиски формат на 2 октомври во Париз (на претседателите на Русија, Германија, Франција и на Украина). Андреј Суздаљцев, продекан на факултетот за светска економика и светска политика при Вишата школа за економија, смета дека изборите стануваат „предмет на трговија“ за нормандиската четворка, доколку се земе предвид важноста на ова прашање за Киев, а исто така и изјавите за тоа дека гласањето може да доведе до нови санкции против РФ. Доколку страните успеат да се договорат за изборите, тоа може да доведе до долгорочно замрзнување на конфликтот и до реално повлекување на војските.

Сепак, доколку тоа не се случи, тогаш не треба да се очекува обновување на воените дејствија, со оглед на тоа што „ескалацијата на конфликтот нанесува голема штета како на Украина, така и на Русија“, смета експертот. Конфликтот секако ќе биде замрзнат – според моделот на Приднестровје каде при отсуство на политичко решение де факто веќе 20 години постои непризнаена државна творба.

Продолжување на санкциите

Како што забележува украинскиот политиколог Вадим Карасев, директор на Украинскиот институт за глобални стратегии, засега се зачувува „хипотетичката можност за овие избори да се одвиваат според украинските закони“, што исто така се поврзува со средбата од 2 октомври.

Во спротивност експертот го предвидува повторувањето на „приднестровското сценарио“. „Доколку самостојно спроведат избори, Минскиот договор ќе биде уништен, а конфликтот замрзнат. Што значи неисполнување на Минскиот договор? Тоа значи продолжување на економските санкции на крајот на јануари. Украина нема да ја врати контролата надвор од границата, а на линијата на допир ќе постои делумна граница. Всушност, ќе биде како Приднестровје“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња