На 14 и на 15 септември во главниот град на Таџикистан Душанбе се одржа сесија на Советот за колективна безбедност на ОДКБ каде присуствуваа шефовите на сите земји-членки, меѓу кои и претседателот на Русија Владимир Путин. Говорејќи пред шефовите на државите на ОДКБ, тој изјави дека теротистичката група ИДИЛ е извор на сериозни закани не само за Блискиот Исток, туку и за земјите на ОДКБ.
„Замавот на оваа организација излезе надвор од Ирак, од Сирија, - го цитира Путин РИА Новости, - Тие планираат активности во Европа, во Русија, во Централна и во Југоисточна Азија – ние сме загрижени за тоа“. Исто така претседателот изрази стравување дека откако меѓународните сили за безбедност го напуштија Авганистан, од територијата на оваа земја во Централна Азија ќе доаѓаат екстремистички групи.
Освен тоа, Путин ја критикуваше политиката на западните држави во Сирија, повикувајќи ги „да се откажат од двојните стандарди, од политиката на директно или индиректно користење на определени терористички групи за постигнување на сопствените конјунктурни цели“, а исто така повторно подвлече дека без соработка со сириските власти нема да успеат да ги избркаат терористите на ИДИЛ од Сирија.
Прашање за ефикасноста на ОДКБ
Другите учесници на самитот исто така гледаат закана во растечката активност на ИДИЛ и се стремат да го подобрат механизмот на заемна соработка во ОДКБ за спротивставување на терористите. Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко излезе со идеја за „определување на регионален систем за ПВО“ и зајакнување на силата на организацијата. Неговиот еременски колега Серж Саргсјан рече дека е неопходно следната година да се донесе стратегија за колективна безбедност на ОДКБ.
„ОДКБ во моментов се покажува како ефикасна организација: за сметка на заедничката работа специјалните служби на земјите-учеснички, без употреба на војска, засега успеваат да ги блокираат обидите за навлегување на исламските екстремисти во регионот“, ја коментираше ситуацијата за „Руска реч на македонски“ заменик-директорот на Институтот на земјите на ЗНД Владимир Жарихин.
Во исто време друг специјалист за Централна Азија, експертот на Московскиот центар „Карнеги“ Алексеј Малашенко потсети дека вооружените сили на ОДКБ засега немаат земено учество во ниту еден вооружен конфликт, затоа е избрзано да се зборува за нивната ефикасност. „За воената сила на ОДКБ во моментов ништо не е познато со стопроцентна сигурност, со оглед на тоа што никој никогаш ја нема видено оваа организација во акција. Заедничките вежби се добра работа, но тие секогаш се разликуваат од реалната борба“, рече тој.
Реална ли е исламистичката закана?
Според бројот на учесници на самитот, ОДКБ има сериозен однос кон проблемот на ИДИЛ. На пример, претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев со загриженост се произнесе поради зголемениот број државјани од земјите-членки на ОДКБ кои се борат на страната на ИДИЛ, а генералниот секретар на ОДКБ, Русинот Николај Бордјужа изјави дека како резултат на акциите на специјалната служба на ОДКБ биле пронајдени (и блокирани) повеќе од 57 илјади сајтови кои се направени за врбување на жителите од Централна Азија во ИДИЛ.
Во исто време Алексеј Малашенко смета дека заканата на ИДИЛ за Централна Азија е малку преувеличена. „Во моментов борците на ИДИЛ војуваат во Сирија и во Ирак, фактички се борат за преживување на својата квазидржава. Да, постојат изјави за планови за експанзија, меѓу кои и во Централна Азија, но засега тоа се само најави. Опасност од влегување на ИДИЛ во регионот постои, но медиумите ја преувеличуваат. Во голем дел успехот или неуспехот на исламистите во Централна Азија зависи од тоа колку ефикасно тамошните режими ќе ги решаваат постоечките социјални проблеми, колку ќе се борат со корупцијата и со сиромаштијата“, вели Малашенко.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче