Мрежичка за коса.
kinopoisk.ruМрежичка за коса
„Капче од еластичен конец со кој се држи во идеален изглед кратката машка фризура. Обично ја ставаа кога косата сè уште беше влажна по бањање. Мажите ретко ја носеа косата во прав патец, а накосо, или како што тогаш велеа – по англиски, почесто. Најголемиот дел ја чешлаа мазно наназад. Сепак, мрежичката беше показател на фраерлак. Во секој комунален стан имаше некој стар ерген, еден вид плејбој од комуналката. Токму него можевме да го видиме наутро со мрежичка на главата“.
Табакера
Јуриј Сомов / РИА Новости
„Денес пушењето некако станува егзотична навика. А, пред 30-50 години сите пушеа. За тоа сведочат советските филмови каде што хероите, нервирајќи се пред решавачкото партиско собрание, пушат во постела, што претставува опасност од пожар. Значи, си лежи херојот во маичка, која сега се нарекува ‘алкохоличарка’, што е навредливо, зашто такви маички носеа сите во Русија, па и во Европа. Поло-маички имаа само Американците. Таму тие се сметаа за дел од воената униформа. Значи, си лежи човекот во маичка-алкохоличарка, со боксерска или полубоксерска фризура и со папирос ‘Беломорканал’ или, оној што е побогат, ‘Казбек’, си лежи и си пуши една по друга. На стомакот наместо пепелник има тацна – се нервира. Во тие времиња кога сите пушеа не само на филм туку и во живо, секој имаше табакера.
Папиросите се нежна работа, па се кршат в џеб. Затоа нив ги префрлаа во табакера. Постоеја најразлични табакери: од метални од фронтот, на кои рачно имаше нешто издлабено (најчесто тоа беше муцка на овчарско куче) до старински, кои богатите ги наоѓаа во заложница. Сребрени, направени пред револуцијата, со полускапоцени камења, со цртежи и понекогаш со мошне комични натписи. Тоа беше многу скапа работа. Толку скапа што писателите Иљф и Петров, кои според идејата на Катаев го напишаа ‘Дванаесет стола’, требаше, според договорот, да му купат златна табакера. Како чесни луѓе, тие му ја купија. Но, како луѓе што се штедливи, му купија женска табакера, односно мала, тенка и долга.
Луѓето со вкус носеа кожени табакери, по правило трофејни. Потоа, откако во мода влегоа цигарите, табакерите исчезнаа. А, сега дури и самото пушење се доведува уште малку до кривично дело“.
Целулоидна јака
Владимир Первенцев / РИА Новости
„Јас сум офицерски син и многу мои спомени се поврзани со специфичниот бит на военото гратче. Целулоидната јака беше интересна направа. Тоа една тенка пластична лента што се зашиваше под јаката на офицерскиот мундир. Интересно е тоа што целулоидните јаки се продаваа во продавница за воена опрема, но командирите забрануваа да се носат. Работата е во тоа што пластичната лента силно се триеше од вратот. Затоа, пак, беше едноставно, брзо и згодно за шиење“.
Бурки
„Високи чизми направени од дебело сукно, обично со светлокрем боја. Шевовите (однапред и отстрана) се покриени со кожени ленти со црвено-кафеава боја. Надолу (делот што го покрива горниот дел од стапалото) е целиот опшиен со кожа и обичен ѓон за чизми. Всушност, тоа беа валенки, само потенки и сошиени, а не валани. Најмногу ги носеа снабдувачите, односно оние што се занимаваа со снабдување со стоки, а кои постојано талкаа по социјалистичката татковина. Нивна задача беше да се најде производство што изработува стоки потребни за претпријатието во кое работеа тие. Ваквите производствени „стројници“ беа еден од хендикепите на планското производство.
Бекеша
„Доколку некој го знае овој збор, тоа сега е најверојатно благодарение на Гогољ, кој го споменува овој предмет во ‘Повест за тоа како се скараа Иван Иванович и Иван Никифорович’. Едниот од хероите носи бекеша, прекрасна по убавината и по квалитетот. Тоа е еден вид бунда со крзно однатре, покриена со сукно со специјален крој: многу струкирана со широка завршница. Ова во тоа време била јавачка облека, па затоа и била со широка завршница – за да може удобно да се седи на коњ. Оваа кавалериска облека на некавалерист, со тело што не е стројно, заедно со шубарата беше дел од облеката на снабдувачите во четириесеттите и во педесеттите години од минатиот век.
Телогрејка
„Би сакал да испеам химна и истовремено да изразам длабоко жалење за тоа колку е неправедна судбината на руската телограјка. Тоа е облека што според многу свои квалитети е слична на американските фармерки: според практичноста, универзалноста, удобноста. Ќе беше тоа прекрасна комбинација: фармерки и телогрејка. Познавам само еден човек што правилно ја носеше комбинацијата, тоа беше Јура Рост (руски фотограф, новинар, писател, актер – заб. прев.). Тој носеше убави американски фармерки, навистина опашани со врвка, и телогрејка. Но, ваквата комбинација не стана масовна. Тоа не е убаво: фармерките го освоија целиот свет, а телогрејката, всушност, не излезе надвор од пределите на ГУЛАГ-от. Тажната судбина на телогрејката како да си одговара со тажната судбина на нејзината татковина. Тоа беше војничка облека, беше дел од воената униформа. Нив ги носеа затворениците, но тие беа толку распарталени што беше тешко во нив да се препознае телогрејка. Потеклото на телогрејката направи несмасна шега со оваа облека“.
Ламба за читање
Јуриј Кујдин / РИА Новости
„Ламбите за читање со зелена или, ретко, со темноцрвена боја, со цилиндричен абажур, со метален медалјон по периметарот на цилиндарот, ги имаше во сите казнени и истражни кабинети. Ова беше задолжителен елемент во бизнис-просториите од советското време. Тие исчезнаа, но некои љубители на советскиот стил ги наоѓаат на таваните и по кантите за отпадоци, па ги реставрираат. Можам да се пофалам дека и јас имам таква ламба“.
Галоши
И. Бруја / ТАСС
„Галошите, со ретки исклучоци, дури и кај имашните луѓе беа износени и искинати. Причината е во тоа што често ги собуваа и ги обуваа, ставајќи ја во нив ногата на која имаа обуено чевли. Затоа многу брзо (буквално по две недели) се кинеше нивната црвена постава од сукно. А, потоа на петицата, каде што влегуваше потпетицата на чевелот, се кинеше гумата и галошите почнуваа да изгледаат неубаво. Во селата во тоа време животот беше скуден, па селаните бегаа во градовите. Жените се вработуваа во градските семејства како домашни помошнички. Токму тие обично се грижеа за надворешниот изглед на машките обувки и му укажуваа на стопанот на галошите дека тие повеќе не чинат и дека треба да се сменат“.
Двокатни тролејбуси
„До почетокот на педесеттите години од минатиот век по улиците на Москва се движеа двокатни тролејбуси. Тоа беше чуден уред со мошне кратки рогови. Мислам дека тие не беа сосема безбедни – не можеше ваква машина да биде сигурна. Многу добро помнам дека еден таков тролејбус се движеше по улицата Горки од центарот кон стадионот ‘Динамо’ и обратно. Кога на ‘Динамо’ се одржуваше фудбалски натпревар, на тролејбусите од сите страни висеа навивачи“.
Фикус
„Ова беше задолжителен елемент на декорирањето на гостинската соба, иако во комунален стан тешко може да се зборува за такво нешто. Без оглед на тоа што беше многу тесно, на видно место често стоеше фикус, а, исто така, и едно растение што раѓаше кинески јаболка. Скратено го нарекуваа ‘Кинеска’.
Излози на продавници
„Во излозите никогаш немаше производи што ги продаваше продавницата. Секогаш беа изложувани мулажи или фотографии на картон. Тоа беше јасно: немаше потреба да му се агитира на советскиот човек да влезе во месарница. Затоа во излозите имаше мулажи на салами од папје-маше. Особено забележлива беше мулажата на саламата од јазик, сега таа изгледа сосема поинаку – таа исечена беше поставена на шаховска табла, на која црните полиња ги симболизираа парчињата црн дроб, а белите – парчињата сало.
Во излогот на Елисеевската продавница имаше и работи што не беа мулажи, туку беа вистински. На пример, имаше огромни порцелански корита со кавијар – црвен две-три сорти, црн, зрнест, од моруна, од есетра, пресуван. Но, овој излог не изгледаше многу претставително, зашто кавијарот беше скап производ, го купуваа ретко, па тој се сушеше.
На Првата Тверско-Јамска улица до шеесеттите години од минатиот век постоеше продавница за играчки. Во нејзиниот излог имаше повеќекатна куклена куќа, низ чии прозорци се гледаа малечки кукли. Тоа беше своевиден огромен свет на кукли. Се сеќавам дека беше невозможно човек да ме одлепи од тој излог. Се разбира, не беше можно ниту да ми ја купат таа куќа, ниту, пак, делови од неа. Во принцип, советскиот човек доаѓаше во продавница и дознаваше што нема од тоа што му треба, а понатаму самиот решаваше што ќе прави“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче