Европа го принудува Порошенко на мир

Ројтерс
Претседателот на Украина Петро Порошенко на 24 август имаше преговори со германската канцеларка Ангела Меркел и со претседателот на Франција Франсоа Оланд, при што, судејќи според сè, врз украинскиот лидер се направени сериозни притисоци.

Прес-конференцијата што се одржа по преговорите на тројцата лидери во Берлин беше мошне воздржана и, во целост, проукраинска. Претседателот на Франција и германската канцеларка му дадоа поддршка на Киев, ги критикуваа Русија и бунтовниците. Сепак, според аналитичарите, преговорите не биле многу пријатни за Порошенко.

Проблемот е во тоа што сега погледите на Европа и на Киев на ситуацијата во Донбас сериозно се разликуваат. „Европа е подготвена да се задоволи со широка автономија (на Донбас – заб. ред.) и со некаква компромисна фигура на чело на оваа автономија, - вели за 'Руска реч на македонски' доцентот на РГГУ Александар Гушчин. – Европејците се согласуваат Русија директно или не да земе учество во овој процес“.

Сепак, оваа варијанта не го задоволува Киев. „Порошенко вели дека сегашната варијанта на амандманите (во Уставот на Украина – заб. ред.) и без тоа е сериозна отстапка, дека тоа е максимум на кој тој може да се согласи и кој може да мине во Врховната рада. – вели Гушчин. Минските спогодби од него бараат повеќе, но Порошенко на нив гледа не како на патна карта, туку како на начин да се добие на време“.

Не се исповедува пред Путин

Последниве недели Украина води мошне опасна политика, напаѓајќи ги градовите на ДНР и провоцирајќи ги бунтовниците на обновување воени дејствија. Затоа лидерите на Европската Унија беа принудени да го повикаат Порошенко на сериозен разговор, и тоа задолжително без присуство на Русија.

„Франција и Германија критички се однесуваат кон руската политика за украинското прашање и на средбите со учество на претставници на Русија им е тешко да вршат притисок врз Украина, да се солидаризираат со некои забелешки кои се упатени од руска страна на адреса на Украина. Притоа спасот на минските спогодби, за кои не постои друга алтернатива, изискува низа дејствија токму од украинското раководство – во прв ред тоа се однесува на амандманите на уставот и усогласувањето на изборните процедури во Донбас“, објаснува за „Руска реч на македонски“ шефот на одделението за стратешки оценки при Центарот за ситуациска анализа на Руската академија на науките Сергеј Уткин.

Мора да се одржи минскиот формат

Париз и Берлин имаат определени инструменти за влијание врз Киев. „Односите со ЕУ се еден од приоритетите на украинското раководство, според нивната состојба делумно се оценува и неговата успешност. Мислењето на ЕУ за успешноста на украинските реформи голем дел од граѓаните на Украина го сметаат за авторитетно. Всушност не смеат да се караат со ЕУ“, смета Сергеј Уткин.

Дали Европа успеала да ги искористи овие инструменти ќе покаже времето како и, според Уткин, „динамиката на понатамошниот развој на преговарачкиот процес, во прв ред, во контактната група“.

Меѓу другото, веќе може да се изведат некакви заклучоци. Така, на заедничката прес-конференција Меркел и Оланд изјавија дека не гледаат алтернативи на минскиот и на нормандискиот преговарачки формат, а Петро Порошенко е принуден да се согласи со нив.

„Берлинската средба стана потврда дека никој нема намера да се откажува од минските документи, дури и ако целосното придржување во поставените рокови сè повеќе се претвора во недостижен идеал, Самиот процес на преговори, како што тоа се случува и во другите конфликтни ситуации, придонесува до намалување на затегнатоста, дури и ако не води кон резултати кои не се толкуваат еднозначно“, вели Сергеј Уткин.

Можно е на следната средба во нормандиски формат Франсоа Оланд и Ангела Меркел дури и да ја замолат Русија за отстапки како благодарност за берлинската лекција на Петро Порошенко. „Европа очекува од Русија отстапки, главно во врска со одложувањето на изборите во Донбас, а исто така и можна смена на раководството на ДНР и на ЛНР“, смета Александар Гушчин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња