Руските експерти ја поздравија оставката на Ципрас

Getty Images
Руските експерти ја коментираат оставката на премиерот на Грција Алексис Ципрас како добар потег. Тие сметаат дека Ципрас на избори може да ја зајакне својата позиција и воедно да изврши притисок врз ЕУ.

Во четвртокот, на 20 август, грчкиот премиер Алексис Ципрас поднесе оставка. Се очекува дека резултатот од ваквиот потег на Ципрас ќе резултира со предвремени избори. Во медиумите веќе се појави информација дека тие можат да бидат одржани на 20 септември.

Во своето телевизиско обраќање до нацијата Ципрас изјави дека „сега, кога е завршена тешката фаза на преговорите со кредиторите, чувствувам морална и политичка одговорност да го поставам на судот на јавноста сето она што го направи владата“.

Претходно грчкиот парламент ја одобри третата кредитна програма, која поразбира ново намалување на буџетските трошоци и приватизација на државните активи. Но, договорот со кредиторите не го поддржаа сите пратеници од партијата на Ципрас – Сириза. Како што изјави Алексис Ципрас, владејачкото мнозинство се претвори во малцинство.

„Тактички маневар“ на Ципрас

Во Советот на Федерацијата (горниот дом на рускиот парламент) чекорот на Ципрас беше карактеризиран како тактички маневар. „Оваа оставка воопшто не зборува за тоа дека Ципрас се откажува од својата борба за власт. Напротив, ова е тактички маневар со кој тој има намера да ги зајакне своите позиции на власт“, изјави за агенцијата ТАСС Константин Косачов, претседател на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на Федерацијата.

Според рускиот парламентарец, Ципрас со причина смета дека вонредните парламентарни избори ќе ја зајакнат позицијата на Сириза. „Граѓаните го поддржуваат неговото исцрпувачко пазарење со Европската Унија, неговото изнудување поволни услови за излез на Грција од кризата и неговото попуштање само во ситуација кога не постојат други варијанти“, смета Косачов.

Членот на Комитетот на Државната дума за прашањата поврзани со Заедницата на независните држави Василиј Лихачов изјави дека Ципрас со своите потези го продолжува векот на својата политичка иднина со надеж дека во најголема можна мера ќе ги обедини своите приврзаници.

Талентиран политичар

Како што истакнува Андреј Кортунов, директор на Рускиот совет за меѓународни прашања, одлуката на Ципрас е поттикната од расколот што се случи во редовите на Сириза. Расколот беше предизвикан поради тоа што Ципрас во текот на преговорите со кредиторите отстапи од популистичките ветувања со помош на кои партијата дојде на власт. „Поранешниот премиер се надева дека ќе успее повторно да го воспостави своето мнозинство и тогаш нема да му биде потребна поддршка од оние што го критикуваат“, смета рускиот експерт.

„Ципрас е, очигледно, мошне талентиран политичар и добар тактичар. Мислам дека тој оваа ситуација може да ја искористи како уште една алатка за вршење притисок врз Европејците. Ним им се испраќа порака: еве, видете што се случува кога нема да ги ублажите условите, ќе имате работа со многу порадикални сили кои не се попустливи како ние“, вели Кортунов за „Руска реч на македонски“.

Нов Термопил

Генералниот директот на Центарот за политички технологии Игор Бунин смета дека Ципрас се решил за избори, имајќи предвид дека неговата лична популарност е поголема од популарноста на Сириза. Според рускиот аналитичар, ова е последица на впечатокот што Ципрас го остави кај Грците за време на преговорите за долгот. „Тој се бореше до крај. Се бореше како царот Леонид кај Термопил, само што не загина, зашто на време го промени ставот. Грците го почитуваат зашто не попушти веднаш, туку се впушти во борба“, изјави Бунин за „Руска реч на македонски“ и воедно нагласи дека Ципрас од самиот почеток не сфаќаше многу добро каде се границите до кои може да се оди во преговорите со кредиторите и затоа се однесуваше како коцкар, наместо да повлекува промислени потези.

Руските експерти ги коментираа и позитивните сигнали што Ципрас понекогаш ги испраќа на Русија. „За Ципрас, како и за многу грчки политичари, Русија е извесен дополнителен џокер кој може да го фрли на маса на Брисел со цел да извлече подобри услови. Но, сите тие сметаат дека тоа не е ас во ракавот, туку некоја помала карта“, вели Кортунов, и воедно нагласува дека Москва како алтернатива за Европската Унија засега не може многу да ѝ понуди на Атина. Како што истакнува Бунин, Грците имаат симпатии кој Руската Федерација, но кога би морале да избираат, би ја избрале Европа.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња