110 метри под вода

Русинче стои до портретите на жртвите од подморницата „Курск“ во нивната касарна во текот на меморијалната церемонија во руското арктичко пристаниште Видјаево, на 12 август, 2001. Семејствата на загинатите се собраа во Видјаево во неделата во сеќавање на 118 мажи кои исчезнаа една година претходно при потонувањето на руската атомска подморница „Курск“.

Русинче стои до портретите на жртвите од подморницата „Курск“ во нивната касарна во текот на меморијалната церемонија во руското арктичко пристаниште Видјаево, на 12 август, 2001. Семејствата на загинатите се собраа во Видјаево во неделата во сеќавање на 118 мажи кои исчезнаа една година претходно при потонувањето на руската атомска подморница „Курск“.

Ројтерс
Пред 15 години, на 12 август 2000 година најсовремената атомска подморница на Северната флота „Курск“ потона во водите на Баренцовото море додека учествуваше во воени вежби. Две експлозии во интервал од две минути ги испратија подморницата и 118 членови на екипажот на дното. 95 од нив загинаа истиот момент, додека останатите 23 морнари успеаја да ги преживеат двата брана експлозии, да се префрлат во крмниот оддел и да проживеат уште 8 часа.

Земјата дозна за „Курск“ утрото на 14 август. „Во Баренцовото море се случи хаварија. Подморница падна на дното“, соопштија агенциите. Истиот ден командата на Северната флота изјави дека е воспоставенa врска со екипажот, според првичните податоци, се случиле  дефекти. Сите наредни денови спасувачки апарати за големи длабочини безуспешно се обидуваа да се спојат со „Курск“, но неуспесите ги објаснуваа со силната видливост и превртената подморницата.

Со помош на странски стручњаци се успеа да се направи отвор дури на 21 август. Во 2002 година беше затворенo кривичното дело за несреќата на „Курск“ и 118 морнари поради отсуство на докази. Заклучокот на истрагата е експлозија на неисправна комора за торпедото и експлозија  на боевата муниција поради пожар. Денес, по 15 години, роднините на загинатите како рефрен повторуваат: „Ние сѐ уште нема брзо да дознаеме што всушност се случило таму, но најважното го знаеме – тие не се мачеле и за ништо не се виновни“.

„Тој едноставно заспал“ – „Ако сакате да знаете на кого личеше, еве ви ја – цела негова копија“, вели мајката на поручникот 1 класа Андреј Панарин, Лидија, и покажува на ќерката Олга. Семејството на Андреј се плашело дека од војска директно ќе го пратат во Чеченија, Осетија или Абхазија. Веројатноста била голема, „времињата беа немирни“. Но, Андреј имал среќа: се запишал во школа, а потоа, по формација – во Северната флота, во Видјаево – таму беше базирана и оттаму за последен пат исплови подморницата „Курск“. За трагедијата Панарини дознале од вестите, кога сѐ уште никој не го нарекувал тоа трагедија. Тие дури и не знаеле дека Андреј е на „Курск“.

– Бевме убедени дека тој е на „Воронеж“ – иста подморница како „Курск“, само постара, вели Лидија.  – Но, почнавме да се јавуваме и ни кажаа дека Андреј не е таму. А кога дознавме дека е таму, оставивме сѐ и на 19 август бевме во Видјаево. – Фактички, ние одевме со надеж дека сите навистина се живи. Сакавме едноставно да го земеме, да го поддржиме... – вели Олга.

Таму, во Видјаево, сите одеа со шприцеви и лекови во чаши. „Не ми беше лошо, но Оља ми кажуваше „испиј го“. Имав надеж дека Андреј ќе се појави. А зошто пред него да се расплачам, да покажам дека ми е лошо?“, почнува да пламнува жената. Олга ја дополнува: „Знаете, тој  беше по природа весел, секогаш од необични ситуации излегуваше сув од вода. Сите до еден верувавме дека сето тоа е невистина, тој задолжително ќе се извлече“. На 25 октомври 2000 година нуркачите на површината изнесоа 12 тела од 9-от, крмниот оддел на подморницата. Андреј Панарин беше во 4-от оддел. Неговото, заедно со останатите тела го извадија по една година. Останките на тројца не ги најдоа. Лидија на препознавање на телото отишла сама.

„Ни велеа дека се живи“

Софија Дудко седи во својот стан во Санкт Петербург и ја држи книгата „Ги паметиме сите по име“ – за неа собирала пари неколку години, на крај ѝ помогнаа ветераните-подморничари. „Споменот е најважен. Јас лично брзам да направам колку што е можно повеќе за да ги паметат“, уверено вели таа. На ѕидовите на светлата соба се фотографиите од синот Сергеј, постар помошник на командирот. Во центарот – подморницата во море. Во ходникот – сѐ уште нераспакуваниот куфер. Таа и други 17 луѓе штотуку се вратиле од Видјаево каде ги пречекале со оркестар. Некои од роднините на загинатите живеат во соседните згради – по наредба на претседателот на сите тогаш им доделија во новоградбите во Санкт Петербург. Софија нерадо се потсетува на август 2000 година. - Нас постојано нѐ собираа во Офицерскиот дом и постојано ни кажуваа дека врска со подморницата има, дека се живи и дека им се доставува кислород... Заклуоците од истрагата не ја убедиле. Софија до ден-денес смета дека долго време ги спасувале, а за странска помош веднаш не се согласиле (третиот ден откако веднаш неколку земји понудија – Руска реч на македонски), „затоа што кај нас се чува тајната, а не луѓето“. За неа прашањето за тоа што можело да се спаси од „Курск“ првите денови е одамна затворено. „Затоа што писменцето на Андреј Борисов не бадијала не ѝ ја даваа на неговата вдовица, и покрај тоа што таа тужеше. Но јас дознав, писменцето беше датирано од 15 август. Момчињата до 15 август биле живи“, вели Софија.

При операцијата за спасување Андреј Звјагинцев, командир на групата нуркачи на 328 експедициски одред за спасување на ВМФ РФ, есента 2000 година прв влегол во „Курск“ на длабочина од 110 метри и ги извлекувал телата на 12 членови на екипажот. А во состав на интернационалната бригада ја кревал подморницата на суво. „Курск“ го најдовме во наведеното време, како што требаше да го најдеме. Друго е прашањето веќе најдовме подморница без живот во неа. Но тоа не  зависеше од брзината на потрагата...“, уверува Звјагинцев. Според неговите зборови, флотата ги имала најдобрите нуркачи, но немало технички средства со кои ќе можеле да се спуштат на таа длабочина. Како резултат на тоа, операцијата за пробивање на отворот се вршела со помош на странски бродови-носачи на норвешките нуркачи. Есента во состав на групата влегле и специјалисти од Русија, Шкотска, Ирска и САД. „Се спуштавме сите заедно, во една комора, на длабочина од 110 метри и живеевме таму 28 дена, без да излегуваме на површината. Тоа се крајно тешки услови. Што е тоа длабочина од 110 метри? Тоа е кога на секој сантиметар од твоето тело притискаат 110 килограми“, раскажува тој. Пред спуштањето до „Курск“ нуркачите тренирале на друга подморница. Ја проучувале за да можеле да работат од сеќавање, си ги врзувале очите – сфаќале дека на таа длабочина каде што лежи „Курск“ е  апсолутна темнина. За да се извади „Курск“, Русија потроши околу 70 милиони долари. Тоа беше „најоптималната“ од предложените варијанти, уверува Звјагинцев. Операцијата е уникатна, никој на светот претходно не правел такво нешто, повторува тој. „Фактички, ние ја покажавме моќта на Руската Федерација. Покажавме дека нашите дела не се разидуваат со нашите ветувања. Тоа е наша подморница и ние, никој друг, требаше да ја кренеме“.

„Да се живее поинаку“

Тоа, што Звјагинцев го видел на „Курск“, на 110 метри длабочина, според неговите зборови, се совпаѓа со заклучоците на истрагата: „За мене верзијата – експлозија на торпеда – е поразбирлива, ја сметам за вистина, затоа што ја видов ситуацијата одвнатре, сѐ снимав. За сите останати верзии можеме да зборуваме колку сакаме, дури и за судир на подморници“.

Во 2005 година Роман Колесников, татко на загинатитот во 9-от оддел капетан-поручник Дмитриј Колесников, поднесе колективна тужба во судот во Стразбур, барајќи целосна истрага за потонувањето на подморницата. Тогаш сопругата на командирот на „Курск“ –  Генадиј Љачин – Ирина, беше против тужбата. „Тешко е да се објасни“, вели денес Ирина. „Не требаше сѐ да се прави тогаш, веднаш, кога сѐ болеше и крвавеше, не беше сфатливо ни како да се живее понатаму. На роднините требаше да им се даде време да си дојдат при себе. Затоа бев против“. На прашањето дали сега е дојдено времето да се поднесе тужба до меѓународен суд, Ирина одговара дека во секој случај тоа е право на тие што сакаат  да го сторат тоа (Колесников ја повлече тужбата во 2009 година  - Руска реч на македонски), но таа не знае дали ќе им стане од тоа полесно и прашува како одговор: „А која е целта? Да се дознае вистината? Некој да биде казнет? Нешто да се смени?“ Спрема вистината има посебен однос, односно, пред сѐ, таа нема илузии во однос на тоа. „За да ви биде јасно, татко ми е воено лице, мажот ми е воено лице, синот ми е воено лице, затоа прекрасно разбирам дека вистината за загинувањето тешко дека ќе ја дознаат и моите внуци. За мене најважно е дека момчињата не се виновни за ништо“. 

Сите роднини на загинатите, со кои успеа да разговара Руска реч на македноски, го велат  приближно истото: потонувањето на нуклеарната подморница стана  момент на  пресврт во животот на земјата, државата се сврте кон својата армија, а луѓето потоа станаа малку поинакви, дури и оние кои никогаш не служеле. „Едноставно се случи некаков пресврт во нивните глави. Вклучително и кај нашата влада. Дека повеќе не може така, дека треба да живееме поинаку“, вели Софија Дудко.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња