40 нуклеарни ракети на Путин ги исплашија САД и НАТО

Фотографија: Владимир Астапкович / РИА Новости

Фотографија: Владимир Астапкович / РИА Новости

Изјавата на претседателот на РФ Владимир Путин за производство и поставување на боево дежурство 40 балистички ракети од ново поколение испровоцира обвинувања за нарушување на договорот за стратешко офанзивно вооружување (СОВ) и за „неодговорно“ однесување. Сепак, експертите подвлекуваат дека зборовите на шефот на државата не биле сфатени како што треба и дека не станува збор за зголемување на нуклеарната моќ, туку за нивна модернизација во рамките на руско-американскиот договор за стратешко вооружување.

На 16 јуни Владимир Путин зборуваше за плановите за модернизација на руските нуклеарни сили: „Оваа година составот на силите ќе биде дополнет повеќе од 40 нови интерконтинентални балистички ракети, кои ќе можат да ги надминат сите, дури и технички најсовршените системи за противракетна одбрана“. 

„Обновувањето на нуклеарниот арсенал во Русија не беше изненадување за никој, тоа влегува во програмата за модернизација на вооружените сили, при што количеството ракети е помало од планираното – требаше да има не 40, туку околу 50 ракети“, изјави за „Руска реч на македонски“ доцентот на Вишата школа за економија Дмитриј Офицеров-Бељски. 

Навистина, претседателот Путин не зборуваше само за ракетите, туку за вооружените сили во целост. Тој исто така рече дека наскоро „на боево дежурство ќе стаса стратешката подморница „Владимир Мономах“, ќе се пополни составот на надводната флота, авијатичката компонента“. 

Европа повторно на линијата на огнот?
Кризата во руско-американските односи продолжува да ја уништува нивната институционална база, поставена уште во времето на студената војна. Под закана се најде и Договорот за ликвидација на ракети со среден и мал дострел (РСМД), без кој Европа може повторно да стане арена за нуклеарно спротивставување на наддржавите.

Сепак, реакцијата на западните политичари на зборовите на Путин беше мошне нервозна. Тие беа сфатени речиси како објавување на почеток на нова трка за вооружување. „Ваквото ѕвечкање со оружје не прави ништо за деескалација на конфликтите“, изјави претставникот на Белиот дом Џош Ернест. „Воинствената реторика на Русија е неоправдана, опасна и игра дестабилизирачка улога“, изјави генералниот секретар на НАТО Јан Столенберг. А, главниот командант на силите на НАТО во Европа Филип Бридлав изјави дека Русија се однесува како „неодговорна нуклеарна држава“. 

Неочекувано алармирање 

Експертите делумно сфаќаат од каде е ваквата нагла реакција. „Зборовите на претседателот Путин паднаа на подготвена почва, - изјавува за 'Руска реч на македонски' соработникот на програмата 'Проблемите на неширењето' на Московскиот центар 'Карнеги' Пјотр Топичканов. – Со оглед на тоа дека политичките односи помеѓу Русија и САД/НАТО влегоа во стадиум на размена на обвинувања и закани. И тоа дека земјата добива вакви или онакви можности во областа на нуклеарното или на обичното вооружување, се сфаќа имено како закана за ривалот“. 

Сепак, соговорникот на „Руска реч на македонски“ е зачуден од нивото на лицата кои даваат алармантни изјави. „Ме зачудува реакцијата на генералниот секретар на НАТО. Станува збор за долгорочна програма за обновување на руските нуклеарни сили, која не започна ниту денес, ниту вчера. Освен тоа, најавеното пополнување на нуклеарниот арсенал не го надминува плафонот на руските нуклеарни сили кој беше договорен со СОВ“, вели Пјотр Топичканов. Според експертот, во Договорот е пропишан режим на инспекција, кој сериозно ја намалува можноста за негово нарушување, а да не зборуваме за тајната подготовка за излегување од него. 

Впрочем, според мислењето на Пјотр Топичканов, воен конфликт не ѝ е потребен ниту на Русија, ниту на Западот. „И во Москва, и во Вашингтон, и во Брисел сфаќаат дека каков и да е вооружен конфликт помеѓу Русија и НАТО ќе биде тешко да се задржи од ескалација во нуклеарна војна“, вели Топичканов. 

Многу скапа трка за вооружување 

Руските официјални лица исто така зборуваат за тоа дека претседателот Путин не се заканувал. „Ние не влегуваме во трка за вооружување, ние сме против трка за вооружување, зашто, природно, тоа ги ослабува нашите можности во сферата на економијата“, изјави помошникот на претседателот Јуриј Ушаков. 

Според порт-паролот на шефот на државата Дмитриј Песков, РФ нема намера да напаѓа никого, ами спротивно, таа се плаши да не стане жртва на агресија. „Претседателот исто така за време на прес-конференцијата со својот фински колега подробно објасни дека Русија не е таа што се приближува до нечии граници. Имено воената инфраструктура на НАТО се приближува кон границите на Русија и врши дејствија кои се насочени кон менување на стратешкиот баланс на силите“, изјави порт-паролот на рускиот лидер Дмитриј Песков.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња