Запленет имот на РФ во Белгија и во Франција поради ЈУКОС

Извор: Григориј Сисоев / ТАСС

Извор: Григориј Сисоев / ТАСС

Во Белгија и во Франција беа запленети сметки на руски компании и установи. Како што се соопштува, ова е направено врз основа на одлуката на Хашкиот суд во врска со случајот ЈУКОС, со која Москва беше задолжена на поранешните акционери на компанијата да им исплати околу 50 милијарди американски долари. Според информациите на руското МНР, во Белгија биле запленети и сметките на амбасадата. Во МНР на РФ беше повикан белгискиот амбасадор, кому му беше врачена протесна нота.

Како што соопштуваат од руското МНР, во Белгија биле запленети сметките на амбасадата, на постојаното претставништво на РФ при ЕУ и НАТО, а исто така и на низа други организации. Како одговор на тоа во МНР беше повикан белгискиот амбасадор, кому му беше кажано дека Москва на дејствијата на Белгија гледа како на „отворено непријателски акт“ и „грубо нарушување на општоприфатените норми на меѓународното право“. МНР се закани со преземање „адекватни мерки како одговор“ во однос на белгискиот имот во РФ, доколку Белгија не ги врати „нарушените суверени права на РФ“. 

Претходно, вечерта на 17 јуни стана познато дека 47 руски и меѓународни организации кои се регистрирани во Белгија добиле известување од судските органи за задолжително давање информација за имотот и средствата што тие ги поседуваат, а кои ѝ припаѓаат на руската држава во рок од 15 дена. Следниот ден претставниците на банката ВТБ соопштија за запленување на сметките на руските компании и на дипломатските претставништва во Франција, кои се отворени во француската банка-ќерка. Подоцна сметките на дипломатската мисија беа одмрзнати. Во исто време на 18 јуни стана познато дека во Франција и во Белгија биле издадени налози за запленување на имотот на низа државни медиуми на Русија – ТАСС, МИА, Русија денес, ВГТРК. 

Одлуката на Хаг 

Запленувањето на рускиот имот во Белгија се врши според одлуката на белгискиот суд во врска со тужбата на компанијата Yukos Universal Limited, која е „Ќерка“ на GML (компанијата Group Menatep Limited која е под контрола на еден од поранешните раководители на ЈУКОС Леонид Невзлин). Белгискиот суд од своја страна се потпре на пресудата на Хашкиот суд од 18 јули 2014 година. Според информациите на агенцијата РИА Новости , во документите на белгиските судски органи се вели дека Yukos Universal Limited се обратил преку бриселски адвокат со цел исполнување на одлуката на Постојаниот суд во Хаг, кој ја обврза РФ да ѝ исплати на компанијата повеќе од 1.6 милијарди евра.

Судот тогаш утврди дека уште една „ќерка“ на GML, регистрирана на Кипар како Hulley Enterprises Limited, Русија треба да ѝ исплати 39.9 милијарди американски долари. Според информациите на РИА Новости, сметките на руските компании во Франција биле замрзнати од судските власти за исполнување на побарувањата токму кон оваа компанија. Како што соопшти првиот човек на банката ВТБ Андреј Костин во интервју за РБК, биле замрзнати „незначителни сум, кои се бројат во десетици илјади евра“. Освен споменатите компании, во јули 2014 година судот во Хаг пресуди во корист на уште една фирма - Veteran Petroleum Ltd., пензискиот фонд на ЈУКОС. Русија треба да ѝ исплати 8.2 милијарди долари. Засега во извештаите од медиумите оваа компанија не фигурира. Властите на РФ ја нарекоа одлуката на судот во Хаг политизирана, по што поднесоа жалба. 

Како што соопшти во средата навечер Интерфакс, во Белгија известувања од судските власти добиле практично сите крупни банки, сите руски претставништва, недржавни организации и медиуми. Во списокот на организации се и Бриселската и Белгиската епархија на РПЦ. 

Министерот за економски развој Алексеј Уљукаев го нарече запленувањето на рускиот имот бесправно, изјавувајќи дека Москва ќе ги оспори во судска инстанција. Тој исто така изјави дека Русија ги исклучува исплатите во врска со случајот ЈУКОС. Според него, обемот на запленетиот имот е незначителен, но сепак „самиот факт е мошне непријатен“. 

Не постојат перспективи? 

Мислењата на правниците во врска со обезбедување на средства од РФ преку запленување на сметките и имотот во странство се разликуваат. Како што изјави за „Руска реч на македонски“ раководителот на практиката на меѓународни судски спорови и арбитража на правната фирма Art De Lux Артур Зурабјан, „не постојат некакви посебни перспективи“. Како што објаснува експертот, рускиот државен имот, кој е поврзан со исполнувањето на РФ на своите јавно-правни функции, - простории на претставништва, конзулати итн. – не можат да бидат запленети, зашто врз нив постои дипломатски имунитет. Затоа пред властите на Белгија и на Франција (или на други земји, доколку се дополни списокот) стои задача да најдат таков државен имот кој не е поврзан со исполнување на вакви функции, а тоа, според Зурабјан, не е едноставна задача. 

Кон друга гледна точка се придржува шефот на московскиот колегиум на адвокати „Арутјунов и партнерите“ Александар Арутјунов. Како што изјавува тој за „Руска реч на македонски“, оваа ситуација е тажна и, можно е, на крајот Русија да мора да ја плати оваа висока сума. Според него, може да се повтори ситуацијата со швајцарската компанија Noga, која низа години фактички ловеше државен имот на РФ во странство, обидувајќи се да заплени еден по друг актив. 

Сигнал од ЕУ? 

Во исто време постои мислење дека запленувањето на имотот не е важно само по себе, туку како определен политички сигнал од ЕУ за Москва. Како што претпоставува Зурабјан, тоа што побарувањата биле насочени на претставниците на медиумите, на некомерцијалните организации и дури на РПЦ, „која воопшто [...] нема правен однос кон РФ“, сведочи за тоа дека „засега ова претставува политички, а не правен чекор. Европската Унија на овој начин ѝ дава на знаење (на Русија), дека треба да размислува за исполнувањето на одлуката (на Хашкиот суд), како и, најверојатно, на Европскиот суд за човекови права“. 

Работата е во тоа што минатата година речиси истовремено со одлуката на судот во Хаг беше донесена одлука од страна на Европскиот суд за човекови прави, кој на акционерите на ЈУКОС им пресуди компензација во износ од 1.9 милијарди евра. Како и во случајот со одлуката на судот во Хаг, Москва не се согласи со одлуката на Европскиот суд за човекови права. Откако во средата навечер се појави информацијата за запленувањето на имотот во Белгија, медиумите, цитирајќи ја одлуката на белгиските судски власти, соопштија и за тоа дека во него е споменато одбивањето на Русија да ја исполни одлуката на судот во Стразбур. Сепак, во четвртокот од Европскиот суд за човекови права објаснија дека не постои поврзаност со настаните во Белгија и позицијата на РФ во однос на одлуката на судот во Стразбур.

Андреј Бушуев, еден од седумте судии на Европскиот суд за човекови права, кој претседаваше во процесот за случајот ЈУКОС, одговарајќи на прашање на „Руска реч на македонски“, не можеше да каже како било поврзано споменувањето на Европскиот суд за човекови права во оваа ситуација. Во исто време тој подвлече дека „...сега е очигледно оти одлуките на меѓународните судови за случајот ЈУКОС се сосема противречни, а по многу точки на спорот и се исклучуваат една со друга“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња