Силата на руската дијаспора

Извор: Alamy / Legion Media

Извор: Alamy / Legion Media

Во Русија се размислува на нови облици на работа со дијаспората, со цел нејзиниот потенцијал да се искористи за транспортирање на руската „мека сила“ во странство. Руските власти се надеваат дека од руската дијаспора ќе направат инструмент на јавното мислење во другите земји, и во тоа се потпираат на искуството на турското малцинство во Германија и на емигрантите од Кина кои ја немаат прекинато врската со својата татковина.

Русија се обидува да ја ревидира политиката кон многубројните сонародници кои своевремено ја напуштиле Руската Империја, Советскиот Сојуз и современа Русија и останале засекогаш да живеат во странство. Тие во изминативе десет години беа во центарот на вниманието на руските власти, а прашањето особено доби на значење со настаните во Украина. 

Како што изјави Константин Косачов, претседател на Комитетот за меѓународни прашања при Советот на федерацијата, „треба да сфатиме дека нашите сонародници во странство сега живеат во нови геополитички услови“. Во новата ситуација кога се споменува можноста за враќање на атмосферата на Студената војна, власта особено внимание обрнува на претставниците на дијаспората на кои рускиот им е мајчин јазик, зашто тие можат да бидат средство за ширење на ставовите на руското општество и на руските власти меѓу граѓаните на другите земји. Ваквиот начин на влијание често се нарекува „мека сила“. 

Руската дијаспора според турски модел? 

Косачов оваа изјава ја даде на 5 март во Советот на федерацијата, на тркалезната маса посветена на „меката сила“ и на ангажирањето на сонародниците. Еден од излагачите беше и сенаторот Игор Морозов. Зборувајќи за политиката на власта кон руската дијаспора, тој како пример наведе искуства од други земји, прикажувајќи го на тој начин посакуваниот облик на односи помеѓу Русија и претставниците на нејзината дијаспора во странство. 

Косачов се повика на ситуацијата со етничките Турци во Германија, кои по неколку децении интеграција сега се организираа како политичка партија и се присутни на сите нивоа на државната власт. Раководството на Турција активно контактира со претставниците на овие политички сили. Нешто слично, според сенаторот, почнува да се случува и со руската дијаспора во определени европски земји. На пример, во Германија релативно неодамна беше регистрирана партијата на германските доселеници EINHEIT. Партија на доселеници се појави и во Франција, а наскоро ваква партија треба да биде регистрирана и во Италија. 

Зошто во Русија се засилија патриотските чувства
Во Русија сè повеќе граѓани се чувствуваат горди со својата земја, покажа последната општествена анкета. Ова се случува по воведувањето санкции од страна на други земји, по присоединувањето на Крим и нестабилната економска ситуација. Експертите објаснуваат со што имено се гордеат Русите и како патриотизмот се разликува од љубовта кон татковината.

Според Игор Морозов, ваквиот процес има добри перспективи со оглед на тоа дека во различни делови од светот (на Блискиот Исток, во Африка, во Латинска Америка и во Централна Азија) живеат голем број луѓе во чии животи постојат многу работи што ги врзуваат за Русија. Во овие региони, нагласи сенаторот, има „млади луѓе на возраст од 30 до 35 години, активни, образовани и мотивирани, кои се подготвени не само да се идентификуваат со 'Рускиот свет' [така во Русија се нарекуваат оние што живеат во странство, но кои во голема мера се идентификуваат со земјата што тие или нивните предци ја напуштиле], туку и да напредуваат во тој поглед“. 

На тркалезната маса беше споменат и примерот на Кина. Според Константин Косачов, кинеските емигранти испраќаат милијарди долари во татковината, па на тој начин ѝ помагаат на земјата од која потекнуваат. 

Не постои проруско движење 

За важноста на пристапот поврзан со примената на „меката сила“ зборуваше и Александар Радков, заменик-директор на федералната агенција „Россотрудничество“ која се занимава со прашањата на Заедницата на независни држави и на сонародниците во странство. Според него, важно е да се работи со елитите и со граѓанското општество во другите земји. 

Експертите ги истакнуваат и тешкотиите на кои наидуваат во ваквата работа. Како што изјави за „Руска реч на македонски“ Александар Докучаева, раководител на одделението за дијаспора и емиграција при Институтот за проучување на Заедницата на независни држави, денес постои определен напредок кога станува збор за примерите на активност на руската дијаспора, но сега засега тоа се само поединечни случаи. Во странство се нема појавено некакво помасовно проруско движење. Според мислењето на експертот, ова зборува за незадоволителната работа на власта со сонародниците во последниве неколку години, и покрај определени успеси на полето на организирање и на консолидација на дијаспората во странство. 

Од друга страна претставниците на руските власти велат дека се подготвени да учат од досегашните грешки и дека во врска со тоа се обидуваат да формулираат нови пристапи кон решавањето на проблемите во однос на сонародниците.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња