Минск-2: да се прекине огнот

Извор: AP

Извор: AP

За време на рекордно долгите преговори во Минск за решавање на украинската криза, кои, патем речено, траеја подолго од 14 часа, лидерите на Русија, на Германија, на Франција и на Украина се договорија за прекинување на огнот од 15 февруари, за повлекување на тешкото вооружување и за создавање тампон-зона.

Во Минск завршија повеќечасовните преговори меѓу Путин, Меркел, Оланд и Порошенко за решавање на украинската криза. Паралелно со преговорите на лидерите на четирите земји, во главниот град на Белорусија се одржа средба на контакт-групата составена од претставници на Русија, Украина, ОБСЕ и на бунтовниците. Сложените преговори кои се одвива на две патеки завршија со тоа што учесниците на контакт-групата ги одобрија документот кој се однесува на исполнување на минската спогодба од септември минатата година. Притоа лидерите на четирите земји донесоа декларација во која ја изразија својата поддршка за документот. 

Нов устав и нова граница 

Како што им соопшти вчера на новинарите претседателот на Русија Владимир Путин „тие успеале да се договорат за главното“ – прекинување на огнот од 00:00 на 15 февруари. Страните исто така договориле и повлекување на тешкото вооружување од линијата на конфликтот и создавање тампон-зона со длабочина од 50 до 140 километри, соопштуваат медиумите кои добиле копија од спогодбата.  

Сега Порошенко ќе треба да се договори во Киев со своите соработници и со јавното мислење. И спротивната страна, односно бунтовниците, имаат одговорност за ваквата интеграција на спогодбата, со што не би се урнала постигнатата спогодба

Дмитриј Данилов

Институт за Европа при Руската академија на Науките 

ОБСЕ треба да го набљудува почитувањето на прекинот на огнот, а истата организација ќе врши контрола над „повлекувањето на странските формации од територијата на Украина“. 

Постигнатата спогодба исто така подразбира неопходност од што поскоро спроведување на локални избори во Донбас, објавување амнестија за учесниците во воениот конфликт, одобрување од страна на Киев на закон за посебен статус на низа реони во Донбас и спроведување уставна реформа во Украина. 

Последново предвидува во земјата да се појави нов основен закон, „чиј клучен елемент" треба да стане децентрализацијата на власта во Украина. Со новиот устав и со посебниот закон за делови од Донбас е поврзано и едно од главните прашања на украинската страна, а кое се однесува на контролата на границата помеѓу немирните региони и Русија. 

Според документот, враќањето на контролата врз границата од страна на киевските власти ќе се спроведува постепено со спроведување на уставната реформа и по пат на консултации со претставници на бунтовниците. 

Резултати што даваат надеж 

Руските експерти позитивно ги примија резултатите од новата минска спогодба. Како што забележува шефот на одделот за европска безбедност на Институтот за Европа при Руската академија на Науките Дмитриј Данилов, страните успеале да се договорат за основните услови за понатамошно спроведување на мировниот процес – за прекин на огнот и за граничната линија на страните.  

Експертот за меѓународни односи, научниот соработник на Центарот за постсоветски истражувања на Московскиот државен институт за меѓународни односи Виктор Мизин, изјави дека минската спогодба дава надеж, со оглед на тоа што таа води кон прекин на огнот. 

Помалку оптимистички аналитичарите се однесуваат кон политичкиот договор што го постигнаа лидерите во контекст на идното решавање. Како што забележува Данилов, страните можат на различен начин да го интерпретираат постигнатиот компромис, особено во однос на чувствителните прашања како што е посебниот статус на деловите од Донбас и контролата врз границата. Како што подвлекува експертот, многу работи ќе зависат од однесувањето на раководството во Киев. „Сега Порошенко ќе треба да се договори во Киев со своите соработници и со јавното мислење“, изјави експертот за „Руска реч на македонски“, забележувајќи дека и спротивната страна, односно бунтовниците, имаат одговорност за ваквата интеграција на спогодбата, со што не би се урнала постигнатата спогодба. 

Според мислењето на Мизин, и по новата средба во Минск прашањето на статусот на побунетите региони останува „огромен нерешен проблем“, како и проблемот за украинско-руската граница во некои делови од Донбас. Притоа, како што забележува експертот, доколку на крајот спогодбата не функционира како што треба, се заканува целосен колапс на истокот од земјата. Тоа не го сакаат ниту Русија, ниту Западот. Како што подвлекува експертот, Вашингтон, како концентриран израз на мислењето на Западот, нема никаков план во врска со Украина, така што и таму се заинтересирани за успех на минските преговори.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња