Извор: Ројтерс
Сергеј Караганов, политиколог, декан на Факултетот за светска економија и за светска политика при Вишата економска школа
Понатамошниот развој на меѓународните односи зависи од резултатите од истрагата за уривањето на Боингот. Доколку истрагата покаже дека се виновни доброволците, Европа ќе смета дека Русија е индиректно вмешана, што на целата работа ќе ѝ наметне незгодна атмосфера. Додека трае војната, како што велат луѓето „црните лебеди“ (така се нарекуваат непредвидените катастрофи) неминовно се случуваат. Уривањето на Боингот е само потврда за тоа.
Санкциите од страна на Западот веќе делумно го забавија развојот на Русија. Сепак тие ги подриваат темелите на кои стојат меѓународните економски односи. САД и нивните сојузници употребија опасно оружје за себе – системот од Бретон Вудс на кој се темели „меката“ власт на Русија, САД и на Европа. Селективните санкции ќе го забрзаат преминот на меѓународниот систем кон оној систем кој постоеше претходно. Претседателот Обама се надева дека Русија ќе испрати војска на територијата на Украина. А, колку што можеме да се сетиме од историјата, токму операцијата во Авганистан придонесе за распад на Советскиот Сојуз.
Александар Коновалов, директор на Институтот за стратешки проценки
Уривањето на Боингот 777 беше црн ден за руската надворешна политика. Доколку претходно судирот во Украина не беше епицентар на вниманието на Европа, сега ситуацијата е радикално изменета. Брисел значително полесно ќе го прифаќа патот на американската политика на санкции. Без оглед дали е тоа праведно кон Русија или не.
Секако, може да се случи сензационално откритие во истрагата за тоа дека украинските дивизии на противвоздушната одбрана го урнале патничкиот авион, дека тоа била смислена воена операција. Но, тоа не е веројатно. Зошто украинските војници би собориле патнички авион?
Односите со некогаш братската Украина се уште повеќе уништени. Киев и Москва направија многу чекори за да ги расипат веднаш по руската анексија на Крим. Во скоро време ќе биде запрена соработката на линијата на воено-производствениот комплекс. Моторите за руските хеликоптери ги изработува украинската компанија „Моторшич“ во Запорожје. Дизел-моторите се произведуваат во Николаево. Секако, Москва ќе се обиде да произведува своја стока, но за сето тоа е потребно време. Русија во текот на долг период ја изгуби Украина.
Андреј Пионтковски, политиколог, академик на Меѓународната академија за информациски процеси и технологии
Започна нагло влошување на односите на Русија не само со Западот, туку и со целиот свет. Во Австралија и во Малезија, чии граѓани загинаа во трагичната катастрофа со авионот, се врежа мислење, благодарение на шпекулациите на медиумите, дека Русија во најмала рака е индиректно виновна за она што се случи.
Повеќе на оваа тема
Никој не би требало да го користи падот на Боингот во свои цели
САД немаат докази за директна вмешаност на Русија во трагедијата со Боингот
Претседателот Путин последниве денови очајнички се обидува да ја намали напрегнатоста. Тоа можевме да го видиме во неговото вечерно обраќање. Говорот на претседателот, меѓу другото, беше насочен, пред сè, на САД и на Обама кои ги прават следните чекори на Западот.
Центарот на проблемот што го вознемирува Путин се економските санкции. Претходно Европа се спротивставуваше на притисокот на САД, но сега Обама полесно ќе постигне соработка со Брисел во врска со санкциите.
Сергеј Михеев, директор на Центарот за политичка конјунктура
Претходно на еден обичен европски жител не му беше многу гајле а Украина. А, сега ситуацијата непосредно дојде во сферата на интересите на Европа. САД продолжуваат да го уверуваат Брисел дека е потребно радикално да се расипат односите со Русија. Некој мошне внимателно треба да добие какви било факти и докази дека проруските сепаратисти и Русија учествувале во терористичкиот акт.
Сегашната украинска влада се обидува да ја пренесе ситуацијата на емоционално и на ирационално ниво. Неодамна изјави дека сака да ги признае Донецката Народна Република и Луганската Народна Република за терористички организации. Тоа ќе овозможи целата ситуација и понатаму да се споредува со Ал Каеда и со ситуацијата во Авганистан во свеста на западните жители, и да се подвлекува потребата за вовлекување на западните коалиции во ситуацијата поврзана со Украина. Како ќе се однесува Русија притоа? Треба да се знае дека Америка и Европа не се целиот свет. Да, тие се едни од најјаките играчи, и на Русија ѝ се важни односите со нив, но треба да се земат предвид и останатите. Мораме на сите да им докажеме кој е подготвен и кој не е подготвен всушност да слуша за ситуацијата во Украина. Потребно е цврсто да се бранат сопствените позиции во ситуацијата со Боингот.
На поголемиот дел европски држави не им одговара да ги следат Американците. Ним не им одговара да ја направат Русија виновник, макар и индиректно виновна за трагедијата. Но, без оглед на целата трагедија, на многумина им одговара сторијата со Боингот да остане само уште една загатка во историјата. Нема докази што потврдуваат дека Русија е директно виновна. Нема ниту докази што докажуваат дека Украина е директно виновна.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче