Извор: Ројтерс
„Тоа што Владимир Путин успеа да издвои цела седмица за посета на регионот, сите го забележаа“, забележува за „Руска реч на македонски“ директорот на институтот за Латинска Америка при Руската академија на науките Владимир Давидов. „Се чини како луксуз што не може да си го дозволи, кога на границата со неговата држава постои огромна криза. Сепак, една ваква тура е актуелна, како никогаш досега. На фонот на тоа како Западот се обидува да ја отера Русија во „украинската стапица“, таа покажа дека сосема е во состојба да си ги врати старите и да најде нови сојузници“, додава тој.
Оваа посета покажа дека Русија и Латинска Америка си се потребни една на друга. Така, на Куба, од каде минатиот петок и започна патувањето на Путин, Русија ѝ отпиша 90% од долгот што оваа земја го има уште од советско време, што во пари изнесува 31.7 милијарди долари. Останатите 10% ќе бидат враќани во текот на десет години и ќе бидат реинвестирани во кубанската економија. Руските компании се приклучуваат кон геолошките истражувања на кубанската територија, кон изградба на хидроелектрана и транспортен јазол, а исто така ќе учествуваат во модернизација на морското пристаниште и во создавање на специјална економска зона.
Во Никарагва, каде Путин допатува во ненајавена посета, беа разгледани перспективите на повеќестраната соработка со Москва. Претседателот Даниел Ортега воопшто не преувеличуваше кога ја нарече блиц-посетата на својот руски колега „историска“. Путин му вети на Ортега дека ќе го разгледа прашањето за испорака на жито од Русија „за задоволување на првичните потреби“. Освен тоа, Русија ќе ѝ обезбеди на Никарагва земјоделска техника и соодветна ремонтна база, а, можеби, на нејзината територија ќе постави и надземни станици ГЛОНАСС. Но, најважно е тоа што ќе учествува во изградбата на Големиот меѓуокеански канал, кој претендира да стане алтернатива за Панамскиот.
Стратешки партнери
Средбата на рускиот претседател со лидерите на Аргентина и на Бразил беа од многу поголем карактер. Според Путин, денешна Аргентина е еден од водечките партнери на Русија во Латинска Америка. „Нашите земји имаат слични позиции во однос на клучните меѓународни проблеми, се придржуваат до принципите за мултиполарен свет, рамноправност, заемна почит, заедничка безбедност“, забележа рускиот лидер во Буенос Аирес. Претседателката Кристина Фернандес де Киршнер е еден од малкутемина светски лидери кој покажа солидарност со руската позиција во однос на Крим. Таа јавно го прекори Западот за примена на двојни стандарди во однос на референдумите на Крим и на Малвинските острови.
На преговорите во Буенос Аирес беа разгледувани заедничките проекти во областа на енергетиката, транспортот, цивилната авијација, мирното користење на космосот, како и од областа на здравствената заштита. Беа потпишани меѓувладини спогодби од областа на атомската енергетика и правото, а исто така беше потпишан и меѓуресорски договор од сферата на масовните комуникации.
Бразилскиот дневен ред, освен предадената штафета на Русија за спроведување на Светското фудбалско првенство во 2018 година и учеството во дводневниот самит на БРИКС, исто така имаше сериозен економски тек: беше потпишан солиден пакет документи во сферата на енергетиката, авијацијата, воено-техничката соработка, царината, а исто така беше потпишан и меморандум за поставување на станици ГЛОНАСС.
Сепак кај двајцата претседатели негодување предизвика состојбата во руско-бразилската трговија, иако според обемот таа ја наминува трговската размена на Русија со другите земји од регионот: рускиот бизнис во Бразил сè уште е непознат, извозот и увозот се малку диверзификувани. На крајот, чувствителни теми остануваат системот за порамнување, инвестициската и научно-техничката соработка.
За време на посетата на Бразил Путин исто така се сретна со претседателите на 11 земји од Јужна Америка. Со тројца од нив, лидерите на Венецуела, Уругвај и Боливија – Николас Мадуро, Хозе Мухика, Ево Моралес – претседателот на Русија имаше билатерални преговори. Резултатите од средбите уште еднаш потврдија дека Русија и Латинска Америка се мошне заинтересирани за зацврстување на соработката.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче