Непознат уметник: Огномет во чест на Екатерина Велика за време на нејзиното патување на Крим (1780). Фотографија од слободни извори.
Пред 231 година (на 19 април 1783 година, односно на 8 април според стариот календар), „по должност [...] со напори за доброто и за моќта на Татковината и за нејзина поголема корист и безбедност“, императорката Екатерина Велика „одлучи под власт Наша да го земе полуостровот Кримски“.
Оваа мерка, според зборовите на царицата, била изнудена. Во својот манифест таа детално објаснува што ја натерало така да постапи. Политичките елити на полуостровот не сфатиле какви погодности им нуди автономијата во рамките на Руската Империја, односно статусот „област слободна и независна“, и ја отфрлија „слободата на местото на Сахиб-Гирај да изберат друг законски хан“. За да обезбеди слобода и транспарентност за изборот на новиот хан Шахин-Гирај, Екатерина, според нејзините зборови морала „да ја покрене воена сила Наша, во најсуровото време да испрати значителен корпус на Крим, таму да го држи долго, и накрај, да делува против бунтовниците со сила на оружје, поради што за малку не избувнала нова војна со Портата Османлиска“.
Три факти од историјата на Крим
1. Најстара држава на територијата на Крим била Босфорското кралство, основано околу 480 година пред нашата ера по пат на постепено соединување на старогрчките градови-колонии на Керчанскиот и на Таманскиот полуостров. Најстара престолнина на оваа држава бил градот Понтикапеј.
2. Делата на старогрчкиот поет Хомер спаѓаат меѓу најстарите извори во кои се споменува Крим. Во „Илијада“ и „Одисеја“, кои настанале приближно во периодот од деветтиот до седмиот век пред нашата ера, Хомер оваа територија ја опишува како Кимерија.
3. Од 2.2 милиони жители на Крим, речиси 1.5 милиони се Руси, 350 илјади се Украинци (мнозинството од кои „рускиот јазик го доживуваат како мајчин“), а околу 300 илјади се кримски Татари.
Екатерина Велика во руска носија. Непознат уметник (околу 1780) |
Сè на сè, како што пишува императорката во манифестот, „оваа постапка ги поништува Нашите претходни обврски за слободата и за независноста на татарските народи“ и „Ни дава право на сите Нас“ да „ја земеме под Наша власт на полуостровот Кримски“.
„На Нашите нови поданици“, како што Екатерина ги нарекла татарските жители на Крим, предложено им е „по верноста, добрината и човечноста да се угледаат на Нашите стари поданици и со нив заедно да ја заслужат милоста и штедроста Наша Царска“. На кнезот Потемкин му било дискретно доверено кај Татарите да „разбуди желба“ за „заслужување милост“. Веќе на 10 јули Екатерина од него добила писмо: „Сите угледни личности веќе положија заклетва, сега сите останати ќе го следат нивниот пример“.
На оние кои упорно ја одбивале царската милост, најсветлиот кнез им „дал слобода да го напуштат Крим и да се преселат онаму каде што сакаат“, со тоа што на „оние Татари кои заминале од Крим“ им било оневозможено враќањето на Крим поради карантин, зашто во Херсонската област тогаш беснеела епидемија на чума. Потемкиновите одреди ги пуштале на Крим само „природните Руси, донските Козаци и Малорусите кои сакале да живеат на Крим“, како и „останатите слободни христијани: Грци, Ерменци, Власи и Бугари“.
Потоа Крим влегол во состав на Тауриската губернија, а потоа, по низа недоразбирања за време на Руската граѓанска војна, во состав на Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република (РСФСР). Потоа во 1954 година (неполна година по смртта на Сталин) влегол во состав на Украинската ССР – со указ на Никита Хрушчов, за чии мотиви и денес постојат многу различни теории, за на крај да се најде во состав на независна Украина, и тоа со статус на Автономна Република Крим, кој е малку чуден за унитарна држава како што е Украина.
Така беше сè до 21 март 2014 година, пет дена по референдумот, кога „се врати дома“.
Текстот е подготвен врз основа на материјали на РИА Новости.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче