Денот на дипломатите во Македонија

Амбасадорот на Руската Федерација Олег Николаевич Шчербак и градоначалникот на Битола Владимир Талески. Извор: Амбасадата на РФ во РМ

Амбасадорот на Руската Федерација Олег Николаевич Шчербак и градоначалникот на Битола Владимир Талески. Извор: Амбасадата на РФ во РМ

Денот на дипломатските работници беше воведен на 31 октомври 2002 година со указ од страна на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, според кој овој празник се прославува на 10 февруари.

Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија секоја година го прославува овој празник со посета и положување венци на споменикот „Руски крст“ во Битола. Битола не е град кој е случајно одбран и не е само поради тоа што во него се наоѓа овој споменик. Битола, кој е уште познат и како градот на конзулите, бил и градот во кое своевремено работел рускиот императорски конзул Александар Ростковски, кој трагично загина во 1903 година, во обид да ги заштити своите македонски браќа кои се бореле за слобода и за независност. 

Рускиот конзул кој сочувствуваше со Македонците
Минатиот месец се навршија 110 години од смртта на Александар Ростковски, конзул на Русија во Македонија, кој во 1903 година беше убиен во Солун.

По повод Денот на дипломатот почесниот конзулат на Русија и амбасадата на Руската Федерација во Македонија и годинава организираа заедничко прославување. Покрај споменикот „Руски крст“ во Битола се собраа дипломатски претставници во Република Македонија, руски дипломатски претставници од соседните држави, претставници на локалната власт на чело со градоначалникот на Битола, како и многу други пријатели на Русија и видни луѓе. 

На гостите најпрво им се обрати почесниот конзул на Руската Федерација во Република Македонија госпоѓа Даринка Крстанова, која го истакна значењето на овој празник и неговата прослава во Битола. Таа изрази задоволство од честа што ѝ е укажана да биде домаќин на еден ваков настан.

По неа со свој говор присутните ги поздрави амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Олег Николаевич Шчербак. „Денес го одржуваме овој свечен настан со посебно чувство, со оглед на тоа што токму овие денови заедно со македонските пријатели ја одбележуваме 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Руската Федерација и Република Македонија“, го започна својот говор амбасадорот Шчербак. 

Почесниот конзул на Русија во Македонија Даринка Крстанова. Извор: Амбасадата на РФ во РМ

„Имаме цврста определба и натаму односите со нашите македонски партнери да ги градиме врз основа на вистинска рамноправност, заемно почитување, доверба, почитување на темелните норми на меѓународното право, односно немешање во внатрешните работи, сувереноста и интегритетот. Ова претставува темел и на глобалниот креативен курс на надворешната политика на Руската Федерација кој е насочен кон формирање обединувачка и позитивна агенда, кон унапредување на соработката од заемна полза со сите држави во светот, а сè со цел еднаква безбедност и решавање на конфликтите по мирен пат“, истакна господинот Шчербак. 

Инаку, датумот 10 февруари не е избран случајно, туку е поврзан со историјата на првиот надворешнополитички ресор на Русија – Амбасадорската управа. На овој ден во 1549 година се среќава најраното споменување за него, а прв претставник бил Иван Михајлович Висковатов, кому рускиот цар Иван Грозни му доверил амбасадорска работа. Во 1802 година императорот Александар Први формирал нов ресор кој претставува денешен предок на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња