Олег Николаевич Шчербак: Задоволни сме од успешниот развој на соработката со Република Македонија во сите сфери од заемен интерес и ја цениме исклучително позитивната клима во нашите билатерални односи. Извор: Игор Бансколиев, „Нова Македонија“
Годинава Република Македонија и Руската Федерација ја прославуваат 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи. На 31 јануари 1994 година, по неколкугодишен прекин, предизвикан од распадот на двете федерации – Социјалистичката Федеративна Република Југославија и Советскиот Сојуз на Социјалистички Републики – Македонија и Русија воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади како самостојни и суверени држави. Соодветната спогодба беше склучена со размена на ноти меѓу двете Министерства за надворешни работи. По тој повод денес во 13 часот во хотелот „Александар Палас“ беше одржан свечен прием.
Русија ја призна независноста на Република Македонија на 4 август 1992 година, додека дипломатските односи беа воспоставени на 31 јануари 1994 година.
На приемот, организиран од Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, присуствуваа претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, членови на македонската Влада, пратеници од Собранието, претставници на верските заедници во Република Македонија, членови на политички партии, претставници од дипломатскиот кор, од македонската интелигенција и наука, како и бизнисмени и други угледни личности. На присутните им се обратија амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија н.е. Олег Николаевич Шчербак и министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски.
„Дваесет години се многу краток период во повеќевековната историја на односите помеѓу нашите два братски и духовно сродни народа, меѓутоа е многу значаен датум за развојот на соработката меѓу двете држави – Русија и Република Македонија - го започна своето обраќање до присутните амбасадорот Шчербак. – Во Русија традиционално постојат длабоки симпатии кон пријателска Македонија. Задоволни сме од успешниот развој на соработката со Република Македонија во сите сфери од заемен интерес и ја цениме исклучително позитивната клима во нашите билатерални односи. Многу е важно што оваа соработка е од заемна корист и се темели врз принципите на вистинска рамноправност, почитување, доверба, почитување на темелените принципи на меѓународното право“.
Изложбата посветена на 20-годишнината од дипломатските односи со
задоволство ја погледна и македонскиот државен врв во придружба на амбасадорот
на РФ. Игор Бансколиев, „Нова Македонија“
Амбасадорот Шчербак стави особен акцент на фактот дека руско-македонското партнерство има огромен потенцијал и оти Русија од своја страна е подготвена да направи сè што е можно за негово натамошно унапредување за доброто на народите на двете држави, како и за зацврстување на мирот и стабилност во регионот.
Тој исто така го изрази и своето задоволство што на XXII Зимски олимписки игри кои годинава ќе се одржат во Сочи, помеѓу трите илјади учесници и Македонија ќе има свои претставници. Притоа, тој најави дека Амбасадата има во план организација на заедничко следење од отворањето на Олимписките игри на 7 февруари.
Билатерална соработка
Министерот Попоски своето обраќање го започна со констатацијата дека „31 јануари 1994 година е датум кој е трајно врежан во историјата на односите меѓу двете земји. На овој ден, пред 20 години, кога Македонија минуваше низ еден мошне сложен период, Русија истапи со безрезервна поддршка, признавајќи ја Република Македонија под уставното име. Оттогаш, заеднички работиме на зацврстување, развивање и унапредување на нашите односи и меѓусебната соработка.“
На 6 октомври 1994 година руското претставништво во Скопје прерасна во Амбасада на Руската Федерација. Истата година, македонската Канцеларија за врски во Москва започна да функционира како Амбасада на Република Македонија.
Тој исто така подвлече дека Република Македонија и Руската Федерација имаат реална и силна основа за партнерство, за пријателство и меѓусебно почитување, имајќи ја предвид состојбата од над 30 потпишани договори во сите области и интензивната размена на културно, академско и медиумско ниво. За подинамични и структурно развиени односи, додаде Попоски, соработката во иднина ќе се фокусира најпрво на полето на економијата.
„Економската дипломатија треба да претставува алатка која ќе продолжиме да ја користиме за привлекување на руски инвестиции во Македонија, но и за поголема промоција на македонските компании во Русија. Треба да ги отвориме пазарите во двете земји за нови производи, - додаде Попоски. – Туризмот треба да биде еден од приоритетните области на соработка, со што ќе се овозможи не само поголема промоција на Република Македонија меѓу руските граѓани, туку и ќе изгради и поблиски односи помеѓу бизнис-заедниците на двете земји и културна размена меѓу народите“.
Попоски додаде и дека во областа на мултилатерализмот треба да се одржи заемното партнерство и да продолжиме со засилен ангажман во програмите и активностите на меѓународната и на регионалната сцена.
На приемот беше прикажана и изложба за историјатот на македонско-руските дипломатски односи, на која беа прикажани сите етапи од нејзиниот развој, а се состоеше од фотографии и документи.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче