Русите не им се насмевнуваат на непознати луѓе. Насмевка им се упатува главно на познаници. Извор: Shutterstock.
Во Русија постои таканаречен „феномен на сфатливо отсуство на насмевката“. Тоа е една од највпечатливите и национално најспецифичните карактеристики на невербалната комуникација кај Русите и кај нивното однесување воопшто.
Можат да се издвојат десет најспецифични национални карактеристики на руската насмевка:
1. Русите најчесто се насмевнуваат само со усните, а мошне ретко при насмевнувањето се гледаат забите; насмевката која ги открива сите заби се смета за вулгарна, па се нарекува церење или „коњска насмевка“.
2. Во меѓусебната комуникација Русите насмевката не ја сметаат за гест на учтивост. Учтивата насмевка која на човека не му се симнува од усните, Русите ја нарекуваат „дежурна насмевка“ и ја сметаат за лоша особина. Според нивното мислење, така се насмевнуваат неискрените луѓе кои не сакаат да ги покажат своите вистински чувства.
Возрасните им велат на децата: не кикоти се, на училиште треба да се биде сериозен, не смешкај се додека учиш или кога со тебе разговара некој возрасен.
3. Русите не им се насмевнуваат на непознати луѓе. Насмевка им се упатува главно на познаници. Затоа продавачките не им се насмевнуваат на сите купувачи, туку само на оние што ги познаваат.
4. Русите на насмевка не секогаш одговараат со насмевка. Тие нема автоматски да возвратат со насмевка дури ни на познаник. Насмевката од познат човек повеќе се смета како повик за контакт и за разговор.
5. Насмевката кај Русите е знак на лична наклонетост кон определена личност. Тие им се насмевнуваат само на познаниците зашто кон непознатите не чувствуваат лични симпатии. Затоа на насмевка од непозната личност, Русите можат да возвратат со прашањето: „Се познаваме ли?“.
6. Русите не се насмевнуваат на работното место. Цариниците не се насмевнуваат зашто извршуваат одговорна работа. Не се насмевнуваат ниту продавачите, ниту келнерите. Не се насмевнуваат дури ни децата за време на наставата на училиште. Возрасните им велат на децата: не кикоти се, на училиште треба да се биде сериозен, не смешкај се додека учиш или кога со тебе разговара некој возрасен. Учителите и наставниците во руските училишта најчесто ги опоменуваат учениците со зборовите: не смешкај се, ами пишувај.
7. Русите со насмевка искажуваат навистина добро расположение или искрени симпатии кон соговорникот. Руската насмевка е израз на искреност. Во комуникативната свест на Русите важи правилото: насмевката мора да биде искрен израз на добро расположение и на пријателски односи. Само тогаш насмевката е оправдана.
8. Русите сметаат дека човек треба да се насмевнува само тогаш кога за тоа постои добра причина која е очигледна и за неговата околина. Затоа секогаш се обидуваат да дознаат што се крие зад навидум беспричинските насмевки на нивните соговорници.
9. Насмевката мора да биде умесна од гледна точка на околината и да соодветствува на ситуацијата. Не е пристојно да се насмевнувате во напнати ситуации или во присуство на лица за кои знаете дека се потиштени поради болест, поради лични и семејни проблеми и слично.
10. Русите во практика насмевката речиси секогаш ја поистоветуваат со смеењето. Затоа во Русија на луѓето што се насмевнуваат често им велат: „Не сфаќам што има тука смешно!“.
Главните одлики на руската комуникативна култура се искреноста и отвореноста, додека чувството на колективност кај Русите раѓа сфаќање дека луѓето треба едни за други да знаат сè, дека не треба ништо да кријат од окружувањето. Затоа се навикнати да ги кријат своите чувства и своето расположение, но и да ја чуваат насмевката за специјални пригоди.
Рускиот текст можете да го прочитате на следниов линк.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче