Великата кнегиња Марија Романова: „Во Русија може да биде потребен наследен монарх“

Извор: Олесја Курпјаева / Росијскаја газета.

Извор: Олесја Курпјаева / Росијскаја газета.

На денешен ден во Русија се одбележува мошне важен јубилеј – 400 години од основањето на Домот на Романови. По тој повод, нашата колешка Елена Новикова направи интервју со директниот потомок на династијата Романови кнегињата Марија Романова со која разговараше за нејзините гледишта на современиот свет и на современа Русија.

Во 2013 Домот на Романови ја одбележува својата 400-годишнина. Како гледате на ова празнување? 

За мене 400-годишнината од Домот на Романови е само дел од големиот сенационален јубилеј 400-години од надминувањето на Смутното доба и воспоставување на руската државност. 

Нашата династија била сенародно повикана на царување од Великиот месниот црковен и земски собор во 1613 година. Ова решение ги зацврстило резултатите од ослободителната борба. Овој факт е невозможно да се избрише од историјата. Но, победата била постигната благодарение на пожртвуваноста и на подвизите на претставниците на сите слоеви од Русија. 

Затоа сум уверена дека празнувањето на 400-годишнината од крајот на Смутното доба ќе биде на достојно ниво, но сметам дека, во прв ред, треба да го одбележиме овој датум со молитва, со добротворни  и просветителски акции.

Не се сомневам во тоа дека сите правни прашања, порано или подоцна, ќе бидат решени и дека ние засекогаш ќе се вратиме во Русија.  

Вие сте родена во Мадрид, сте се школувале на Оксфорд, голем дел од животот сте го поминале во Шпанија. Во вашите интервјуа Вие никогаш не сте кажале дека Русија е вашиот дом. Што е тоа што ви пречи да се вратите дома? 

Доколку бев само физичко лице, би можела да се вратам во секој момент. Но, јас сум обврзана да го обезбедам зачувувањето на Рускиот Императорски Дом што јас го предводам како историска институција. Во сите цивилизирани земји, предводниците на династиите се враќале засекогаш, откако државата јасно ќе го определи нивниот правен статус. Примерите со Франција, Италија, Португалија, Бугарија, Романија, Унгарија, Србија, Црна Гора, Албанија, Авганистан и со многу други земји од кои своевремено биле протерани кралските семејства, а потоа се вратиле, покажуваат дека правниот статус на нецарувачката династија е сосема можен во републичка држава и со ништо не му противречи на Уставот и на законите. 

Јас воопшто немам политички претензии, не барам да ми се врати ништо од сопственоста, не очекувам никакви привилегии и бенефиции. Но, јас имам право да сметам дека процесот на реинтеграција на династијата во современиот живот на современа Русија нема да биде полош одошто во другите земји во Европа, и дека ќе биде донесен правен акт, кој ќе го заштити Рускиот Императорски Дом како историско и културно наследство, во согласност со членот 44 од Уставот на Руската Федерација. Не се сомневам во тоа дека сите правни прашања, порано или подоцна, ќе бидат решени и дека ние засекогаш ќе се вратиме во Русија. 

Вие повеќе пати се среќававте со раководството на земјата, сепак тие средби имаа неофицијален карактер. Можна ли е Ваша скорешна средба со претседателот на Русија? 

Тоа во целост зависи од претседателот. Јас сум уверена дека таквата аудиенција ќе стане симбол на заемно почитување. Доколку како резултат на средбата се предвидат определени чекори за развивање на заемните односи помеѓу современата држава и историските институции, кои ја чуваат врската и го продолжуваат континуитетот на нашето големо минато, државата може да има само придобивки, а нејзиниот имиџ само може да се зголеми.

Распространувањето на републичките држави во светот не го спаси човештвото од војни, од теророт против сопствениот народ, од најголемите социјално-економски кризи, а да не зборуваме за духовните и за моралните кризи. 

Верувате ли во возобновување на монархијата во Русија? 

Идејата за монархија може да помине низ периоди на подеми и падови, но таа секогаш ќе постои. Може да се наведат илјадници аргументи против монархијата и да се укаже на множество недостатоци. Но, нè спаси ли републиката од нив? Според мене таа само ги зголеми. Распространувањето на републичките држави во светот не го спаси човештвото од војни, од теророт против сопствениот народ, од најголемите социјално-економски кризи, а да не зборуваме за духовните и за моралните кризи. 

Во Русија, каде живеат множество народи со различни религиозни и културни традиции, сосема е можно да биде потребен жив обединувачки симбол, како што е законски наследниот монарх. 

Што мислите за изборот на цар Симеон II, кој во 1946 година беше соборен, за премиер на Бугарија? Би сакале ли поактивно да учествувате во политичкиот живот на земјата? 

Јас го сакам и го почитувам царот Симеон II. Но, монархот или Предводникот на Династијата треба да биде апсолутно надвор од политичката борба. Негова должност е да ја обедини нацијата. Тој не треба да го поврзува своето име со која и да е партија, дури и ако таа му е мошне блиска до неговиот дух.

Доколку рускиот народ посака да ја оживее монархијата, ние или нашите законски наследници ќе го исполниме нашиот долг. 

Ниту јас, ниту мојот син, никогаш нема да земеме учество во партиска борба. Тоа е наш принципиелен став. Ние сме целосно аполитични. Доколку рускиот народ посака да ја оживее монархијата, ние или нашите законски наследници ќе го исполниме нашиот долг. Но, ако се случи тоа, легитимниот монарх нема да се врати на престолот како лидер на некаква партија, туку како предводник на историска династија, и ќе биде еднакво близок со сите граѓани, ќе биде способен да го ислуша мислењето на сите партии и на сите групи, но нема да биде дел од нив. 

Во многу интервјуа велите дека не претендирате на имотот на династијата Романови во Русија. Сметате ли дека воопшто не е потребна реституција? 

Јас сум принципиелно против реституција, не барам ништо за себе и не му советувам никому да го прави тоа. Нова прераспределба на сопственоста ќе биде причина за маса конфликти, ќе предизвика насилство, страдања, лутина. 

Единствен исклучок се православните храмови и манастири, молитвените зданија на другите конфесии. Тие уште на почетокот биле изградени за молење кон Бога, така што нивното користење за други намени е богохулно и навредливо за верниците. Во основа, светињите се вратени, иако сè уште постојат некои проблеми. Се надевам дека тие ќе бидат решени врз основа на законот и на праведноста.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња