Руската економија есенва

Дмитриј Дивин
Ситуацијата во руската економија до крајот на 2016 година може да се прогнозира со воздржан оптимизам.

Оваа есен ќе биде одбележана со два важни политички настани чиј исход може да влијае врз руската економија. Тоа се изборите во Државата дума (долниот дом на рускиот парламент) во септември и изборите на американскиот претседател во ноември. Првиот настан може да влијае врз конфигурацијата на власта во Русија барем до претседателските избори во 2018 година, а вториот на цел спектар економски и политички односи со САД како најголем антагонист на Русија.

Кон крајот на годинава ќе станат појасни контурите на економските програми што во следниве 5 до 10 години ќе ги предложат лидерите на различни правци на економската мисла во Русија: поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин, сегашниот советник на рускиот претседател Сергеј Глазев и основачот на новата опозиција „Партија на порастот“, бизнисменот Борис Титов. Овие економисти треба да ги претстават своите програми во рамките на Економскиот совет при Владимир Путин. Меѓутоа, попрактично влијание врз економијата ќе имаат одговорите на насушните прашања. Прво, дали цената на нафтата ќе биде во пораст и дали буџетот ќе може да се вклопи во дефицит од 3% без трошење средства од Резервниот фонд? Второ, дали Централната банка ќе продолжи да ја намалува референтната каматна стапка? Трето, дали Федералниот резервен систем на САД ќе се дрзне да ја крене својата стапка непосредно пред претседателските избори? И на крајот, четврто, дали ќе остане на истото ниво побарувачката за хартии од вредност на земјите со висок ризик, вклучувајќи ја и Русија?

Независно од одговорот на овие „судбоносни“ прашања веќе сега може да се каже дека не треба да се очекува уште поголема рецесија на руската економија, како и, всушност, ниту нејзиното скоро враќање на претходната траекторија на пораст. Во секој случај, доколку продолжи сегашната буџетна и монетарна политика, економскиот пораст во следниве неколку години ќе се „врти“ некаде околу нулата. Позитивен момент е наглото забавување на темпото на одлив на капиталот и во врска со ова и намалување на зависноста на курсот на рубљата од динамиката на цената на нафтата. Ова е предизвикано од две причини. Првата е тоа што руските банки и компании во текот на 2014 и 2015 година успеаја да ги реструктуираат своите надворешни долгови и да ги намалат за над 150 милијарди долари, а втората е тоа што и понатаму постои голема разлика во референтните каматни стапки на Русија и на големите развиени земји, а со тоа се создаваат поволни услови за прилив на шпекулативен капитал во руските државни и корпоративни долгови. Тоа толку влијаеше на динамиката на курсот на рубљата, што во владејачките кругови веќе се зборува за штетата што ја нанесува претераното зајакнување на руската валута.

Со санкциите и со наглата девалвација на рубљата создадени се услови за замената на увозната стока со домашни производи, но тоа во значителни размери е реализирано само во земјоделството и во прехранбената индустрија. Благодарение на погодните временски услови дури и жетвата во 2016 година беше рекордна. Ова е, секако, големо достигнување, но тука е неопходна и соодветна извозна политика за да се избегне пад на внатрешната цена на житото. Треба да се истакне дека приходите на населението, прометот на стоката во малопродажбата, цената на недвижностите и приватните инвестиции покажуваат мешовита динамика. Во целина гледано, тоа зборува дека населението во сегашните услови повеќе штеди, одошто троши, а компаниите ги одложуваат своите инвестициски проекти за подобри времиња.

Сè на сè, динамиката на руската економија до крајот на 2016 година може да се прогнозира со воздржан оптимизам: не се очекува понатамошен пад, но нема да има ниту позитивен пораст. Притоа состојбата на буџетот ќе се поправи, пред сè поради тоа што нафтата ќе биде поскапа од планираните 40 американски долари за барел. Исто така не треба да се очекуваат ниту надворешни потреси, како што се нови санкции, нагло одлевање на капиталот или скок на рубљата. Главните новости ќе доаѓаат повеќе од политичката, одошто од економската сфера.

Константин Коришченко е шеф на катедрата за пазарите на хартии од вредност и финансиски инженеринг при Руската академија за народно стопанство и државна администрација, поранешен заменик-директор на Централната банка на РФ.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња