Досегашните односи помеѓу Русија и Европа во правна смисла се засновуваа на Спогодбата за партнерство и соработка од 1994 година. Тоа е сеопфатен и мошне детален документ кој пропишува различни аспекти на соработката, а како политичка цел го прокламира односот на „стратешко партнерство“.
Во идеолошка смисла Спогодбата се засновува на идејата за „Голема Европа“, односно за извесна симбиоза на единствени правила со системи на вредности кои се формираат околу Европската Унија. Русија тогаш беше третирана (и во тој момент беше подготвена и самата така да се доживува) како реципиент на правни норми, а не како нивен рамноправен творец.
Кон средината на минатата деценија беше отпочнат разговор за подготовка на нова основна спогодба наместо старата, веќе спометата Спогодба за партнерство и соработка, која истекуваше во 2007 година. Беше предвидено следната спогодба да го земе предвид стекнатото искуство во соработката и да ги постави темелите на понатамошното квалитативно зближување. Но, во тоа време политичката ситуација веќе започна да се менува. Односите навистина квалитативно се изменија, но не во позитивна, ами во негативна смисла.
По избивањето и брзата ескалација на украинската криза дојде и до заемно воведување санкции. Така заврши ерата која беше декларирана како „стратешко партнерство“. Таа не остана во убаво сеќавање ниту на едната, ниту на другата страна.
Дури и ако во Украина без поголем напор се воспостави целосен мит, што е сосема тешко да се претпостави, Русија и Европа нема да се вратат на претходниот модел на меѓусебни односи. Едноставно речено, Русија повеќе не сака да биде дел од единствената Европа, а едиснтвената Европа се измори од експанзијата и тежнее да се повлече во себе, со цел да ги реши многубројните внатрешни проблеми.
Треба да се истакнат неколку основни параметри во рамките на кои разгледувањето на идните шеми има смисла.
Невозможно е да се обнови „стратешкото партнерство“ според моделот од деведесеттите години од минатиот и од првата деценија од овој век. Логиката на „Голема Европа“ повеќе не е употреблива. По сегашната криза односите повеќе нема да бидат сеопфатни, ами најверојатно ќе се концентрираат на определени применети области. Русија, всушност“ предложуваше ваква варијанта многу пред почетокот на украинската криза.
Најверојатно повеќе нема да биде во оптег ниту прашањето за „заеднички систем на вредности“, со оглед на тоа што Русија го оспорува тој систем. Всушност, постои голема веројатност дека во самата Европска Унија ќе дојде до промени на овој систем поради потребата за преиспитување на моделот на интеграција. Проблемот со бегалците веќе служи како катализаторот на овој процес.
Постојат практични прашања за кои во рамките на односите помеѓу Русија и Европската Унија не може да се зборува апстрактно, без оглед на политичката атмосфера. Тоа се енергетиката (во која обете страни ќе зависат една од друга, барем во следниве неколку децении), движењето на населението (сега ова прашање е многу поактуелно со оглед на проблемот со бегалците) и развојот на пограничните територии (пограничната соработка е условена од неопходноста за решавање на заедничките проблеми). Во секој од споменатите правци не е исклучена интензивна соработка, но сето тоа не мора задолжително да се поврзе во една заедничка програма која би била втемелена на некакви заеднички основи, дотолку повеќе што во самата Европа може да дојде до промена на нормативните темели – и под влијание на внатрешните промени, и покрај склопувањето на Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство под покровителство на САД.
Прашањето за перспективите и за економскиот развој сега е помалку актуелно на теренот на „Голема Европа“, зашто таа не заживеа, а во голема мера е поактуелно на теренот на „Голема Евроазија“. Главната причина за ваквиот пресврт се огледува во фактот што Кина тргна кон западот (во географска смисла) и има мошне сериозна намера да отвори нови патишта кон Европа и кон Медитеранот. Во изградбата на „Голема Евроазија“ не постои потреба за форматот Русија – Европска Унија. Тука е потребен сестран дијалог: Европска Унија – Евроазиска економска унија (ЕАЕУ), Русија/ЕАЕУ – Кина, ЕУ – Кина, и на крајот, Кина – ЕАЕУ – Европска Унија.
Во последнава комбинација има смисла да се разговара за теми за кои претходно разговараа Брисел и Москва, односно за заеднички економски простор, за хармонизација на нормите и на правилата. Евентуалната предност од овој многуаголник е во тоа што тој има шанса да ги реши проблемите на земјите што се имаат „заглавено“ помеѓу различни интеграциски проекти и се имаат претворено во поприште на бесмислена конкуренција, или едноставно на сите им имаат станато товар. Станува збор за определени поранешни сојузни републики кои не успеале да стекнат определена стабила основа за сопствен развој.
Принципиелно е изменета и содржината на поимот „европска безбедност“. Не станува збор само за Украина и за други земји каде Русија и ЕУ/НАТО стапуваат во реална или во фиктивна конфронтација.
Европа во целина не престанува да биде територија на гарантирана стабилност. Од една страна ова е поврзано со фактот што ЕУ не може (и нема да може) да се огради од сè пофаталните промашувања на Блискиот исток. Од друга страна во овој проект сè повеќе се нарушува внатрешната рамнотежа, што ќе предизвика демонтажа на кохезискиот режим (Шенгенот, по сè изгледа дека нема шанси да опстане во сегашниот облик) и продлабочување на несогласувањата помеѓу нејзините членки.
Најопасна зона е југоистокот од Европа, односно Балканот, каде кризата на европската идеја може да доведе до обновување на конфликтите што неодамна само привидно беа задушени.
И тука бегалците ќе послужат како моќен катализатор. Централна Европа сè повеќе се здружува против Берлин и бара од него да го реши прашањето на бегалците, и тоа фактички на ниво на цела Европа. Така некогашниот апологет на европскиот проект се заканува да стане негов главен критичар. И на крајот, нестабилната ситуација во земјите од „Источното партнерство“ и превирањата во Централна и во Источна Европа претставуваат спој кој во најлошото сценарио може да предизвика нова верзија на конкуренција за „меѓуевропскиот простор“, а оваа конкуренција во 20 век предизвика две големи војни.
Фјодор Лукјанов е главен уредник на списанието „Русија во глобалната политика“ и научен советник за национално истражување при универзитетот Виша школа за економија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче