Ненаучена лекција

#Prayforparis

#Prayforparis

Жан Жулиен
Терористите од ИДИЛ изјавија дека петок, 13 ноември за Франција ќе биде новиот „11 септември“. „Терористичката интернационала“ веќе докажа дека може да изведе низа истовремени терористички напади во мегаполисите и на местата каде што масовно се собираат луѓе: на улици, на стадиони, во концертни сали. Иако во Франција носењето оружје е забрането, излезе дека на терористите, покрај „вообичаениот“ експлозив, им биле достапни дури и калашникови.

Сите оние што во последно време зборуваа за пропустите на египетските разузнавачки и безбедносни служби, кои беа причина терористите да успеат да подметнат бомба во рускиот патнички авион во Шарм ел Шејк, сега мораат да признаат дека и цивилизирана демократска држава каква што е Франција, чии разузнавачки и безбедносни служби се исклучително добро обучени и опремени, не може во целост да спречи терористички напади. Таква стопроцентна безбедност би била можна доколку би се изменило целото општество, режимот и политичкиот систем. Своевидната воена состојба стана вообичаен начин на живот. Дури ни тогаш никој не би можел да гарантира стопроцентна безбедност. Терористичките напади не се само „висока цена“ која човештвото ја плаќа поради својата различност, туку се, пред сè, последица на тоа што денешниот меѓународен систем на економски и на политички односи не е во состојба да го искорени тероризмот ниту во определени држави, голем дел од кои станаа жртви на „увезената демократија“, ниту на глобално ниво.

Денес, кога сиот свет сочувствува со граѓаните на Франција, треба повторно да се потсети на неопходноста од заедничка борба против тероризмот, кој стана глобална закана. Колку пати сме го чуле ова по 11 септември 2001 година? А, каде се резултатите? Многумина тврдеа дека Ал Каида е уништена по убиството на нејзиниот водач Осама бин Ладен, но таа како да се крена од пепелот и како да стана уште пофанатична и уште побрутална. На Блискиот Исток е формирана терористичка квазидржава, токму онаму каде што пред „великодушните“ планови божемната тиранија на Садам Хусеин или на Башар ал Асад требаше да биде заменета со изборна демократија. Но, поголемиот дел од „избирачите“ на арапските улици гласаше за терор против западната цивилизација, а од западните земји илјадници доброволци заминуваат да се борат во редовите на ИДИЛ. Тие веруваат дека се борат за нов светски поредок, а тоа е поредок што сакаат да го создадат варвари и убијци. Нивната „правда“ се засновува на божемно поправање на сите неправди на современиот капитализам и на неостварените идеали на Големата француска револуција, која пропагираше „слобода, еднаквост и братство“.

Во последно време беше очигледно дека повторно се подготвуваат масовни терористички напади во Европа. Најпрво мета беше рускиот патнички авиони, по чиј пад многумина злорадо говореа дека е тоа „одмазда за авантурата на Путин во Сирија“. Потоа пред неколку дена беше извршен двоен терористички напад во шиитска населба во Бејрут во која загинаа неколку десетици луѓе. Ова беше очигледна одмазда на ИДИЛ или на некоја слична терористичка организација зашто шиитскиот Хезболах во Сирија се бори на страната на силите на Башар ал Асад. Светската јавност го изрази своето негодување и својата осуда, но одекот од терористичките напади во Бејрут беа многу послаби од овие по трагичните настани во Франција. Неодамнешните напади, сепак, беа изведени „во некојси таму Бејрут“, на периферијата на „цивилизираниот свет“. Истиот тој свет остана речиси нем кога еден ден пред терористичките напади во Париз избувна експлозија во шиитска џамија во Јемен. Но, повторно излезе дека сите ние сме „периферија“, дека сите живееме на првата линија на фронтот на која се одвива борбата против тероризмот. Со оглед на тоа дека Франција неодамна ѝ се приклучи на антитерористичката коалиција која се бори против ИДИЛ, за време на нападите од петокот вечерта во Париз екстремистите извикуваа: Ова ви е за Сирија! Не би требало да се заборави дека слични терористички акции би можеле да се случат и во Велика Британијам која сè уште ги нема придружувано САД во воздушните напади во Сирија.

Сосема е очекувана првата реакција на многу европски земји, а пред сè на Франција, да биде затворање на државните граници и преземање максимални мерки за безбедност. Сега многумина ќе се сетат на неодамнешните предупредувања дека во Европа доаѓа бран бегалци од Блискиот Исток меѓу кои има и многу млади, силни мажи што патуваат без семејства, дека меѓу милион бегалци што стасаа во Европа има и околу 25 илјади исламски борци. За оваа закана неодамна зборуваше шефот на кабинетот на претседателот на РФ, Сергеј Иванов, а претседателот Путин за овој факт потсети во својот говор на Генералното собрание на ОН, зборувајќи за Блискиот Исток. Претседателот Путин во таа пригода ги запраша западните лидери: Сфаќате ли што направивте?

„11 септември“ навистина се повтори. Сиот цивилизиран свет мора да ги согледа сите пропусти во борбата против тероризмот во последниве 15 години и да пронајде нови, поефикасни облици на соработка во таа борба. Меѓу другото, Русија и Западот мораат да ги отфрлат сите досегашни неслагања, не само кога станува збор за Сирија туку и за Украина, иако ова некому може да му се стори како неприфатливо. Но, токму ситуацијата во Украина ја потенцира политиката на двојни стандарди, поради кои многумина заборавија дека сите ние ѝ припаѓаме на истата христијанско-јудејска цивилизација, која во овој момент со соочува со најголемиот предизвик во најновата историја. Мора да се признае дека терористите во својот фанатизам се многу повеќе единствени одошто таканаречениот цивилизиран свет во борбата против нивните смртоносни напади.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња