Светот тргна на сите страни

Дмитриј Дивин
Што ќе се случува во новата политичка сезона? Цената на нафтата, ситуацијата на Блискиот исток, кризата во Украина... Ќе „испливаме“ ли од глобалните проблеми?

Непредвидлива треска владее на берзите. Цената на нафтата се ниша најпрво на една, а потоа на друга страна, но сѐ поблизу е до земјата, поради што во депресија паѓаат и „нафтените сили“, но и земјите како што е Норвешка. Сѐ позамрсена е ситуацијата на Блискиот Исток. Таму повеќе не се знае кој против кого и за што војува. Во ќор-сокак се најде и „минскиот процес“...

Започнува новата политичка сезона. Таа ќе трае до летото 2016 година и, судејќи според сѐ, ќе биде мошне содржајна.

На почетокот на месецов беше одржана пекиншката воена парада во чест на 70-годишнината од завршувањето на Втората светска војна, која Кина сега реши да ја користи како сериозно политичко оружје. Потоа следува јубилејното Генерално собрание на ОН, посветено на годишнината од основањето на оваа организација. Со оглед на сѐ позатегнатата атмосфера во светот и на високото ниво на учесници на заседанието, без сомнеж ќе прозвучат доста впечатливи изјави.

За октомври е најавен извештајот на комисијата за падот на малезискиот Боинг. Што и да има во него, овој извештај ќе ги вжешти страстите околу сиот комплекс украински проблеми и односот на Русија и Западот.

Од јануари во САД официјално започнува изборната кампања, а тоа по правило остава трага врз светската политика. Антисистемските популисти како што е Доналд Трамп тешко дека можат сериозно да претендираат за претседателското место, но никој не го оспорува фактот дека нивната појава претставува сериозно предупредување за американската елита: на избирачите им се здодеани едни исти и им е здодеано едно и исто.

Ќе продолжи и европската криза. Проблемите во Европската Унија се мошне разгранети. Не е случајно што кон крајот на летото на највисоко ниво во Европската Унија започнаа разговори за тоа дека проблемот на мигрантите може да го уништи овој европски проект побрзо одошто отсуството на рамнотежа во самата Еврозона.

Блискиот Исток не ветува ништо друго освен понатамошен распад. Бурната воено-дипломатска активност од пролетта и летото оваа година даде повод за разговори за тоа колку големите сили сериозно се зафатиле со решавањето на прашањето за организацијата Исламска држава и за стабилизацијата на овој дел од светот. Но, проблемот е во тоа што не може да се стабилизира она што се распаѓа и што исчезнува.

Блискиот Исток во својот претходен облик остана во 20 век. Што и да се случува понатаму практичната задача на надворешните сили ќе се сведе само на едно – на намалување на нивото на опасност од истата таа надворешна сила. Ништо повеќе од тоа. Едноставно речено, никакви планови за преуредување на Блискиот Исток не доаѓаат предвид во блиска иднина.

Најинтригантно прашање за претстојниот период е однесувањето на Кина. Од настаните од ова лето на кинеските берзи и девалвацијата на јуанот произлезе цел бран разговори за тоа дека е дојден крајот на „кинеското чудо“. Од крајот на минатата деценија, по светската финансиска криза, во размислувањата за претстојниот светски поредок се тргнуваше од тоа дека Кина ќе стане суперисла. „Драконот“ расте како чудовиште и во голем дел ја одредува атмосферата во светот, стимулирајќи го интересирањето за регионите што не се Запад. Ако ова чудовиште почне да исчезнува, тоа може да влијае на промената на глобалното расположение.

Најинтересно е прашањето за тоа дали Кина ќе бара излез во своето понатамошно интегрирање во глобалната економија, или недостигот од кинеско-американска симбиоза, сепак, ќе ја принуди Кина поупорно да го бара својот модел за развој, кој е помалку поврзан со глобалната ситуација.

Под раководство на САД се формирани два огромни преференцијални трговско-инвестициски блока – Трансатлантскиот и Транспацифичкиот. Ова ја доведе Кина во особено незгодна ситуација.

Во контекст на светот кој сѐ повеќе се дели, и чии делови сѐ повеќе се разминуваат, каде што главното прашање не е кој ќе може да ја искористи моќноста, туку кој помалку ќе изгуби, ситуацијата во Русија изгледа парадоксално.

Русија може да се пофали со невидено искачување на националната консолидација. На популарноста на рускиот лидер не влијаат никакви настани од глобално или од локално ниво. Општеството е подготвено да го трпи недостигот, политичката елита не гледа алтернатива, а општеството се хомогенизира. Поддршката на граѓаните добива облик на одобрување на сѐ што презема раководството. Јавното мислење како и да не очекува од руското раководство некаква стратегија или план, туку само го поддржува пристапот што го има националниот лидер.

А, тој е фаталистички расположен: нека биде што ќе биде, ќе испливаме.

Во тоа има здрава логика, зашто современиот свет може да ги негира сите прогнози и да ја поништи секоја стратегија за развој, што е веќе потврдени во повеќе наврати.

Но, новата конфигурација на светскиот систем нема да се формира според волјата на политичките актери, туку самата од себе, како последица на објективни процеси, започнувајќи од законите на човечката природа и климатските промени, па сѐ до промените предизвикани од технолошкиот напредок. И, судејќи според темпото со кое се менуваат работите, тоа ќе се случи многу побрзо одошто мислиме ние.

Авторот е претседател на претседателството на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња