Колапсот на договорот за РСМД не е во интерес на Русија

Карикатура: Константин Малер

Карикатура: Константин Малер

Администрацијата на Обама разработува план за поставување крилати и балистички ракети со надземно базирање во Европа како одговор на непочитувањето од страна на Русија на Договорот за ликвидација на ракети со среден и мал дострел (РСМД). Ваквите соопштенија на западните информациски агенции веќе успеаја не само да покренат бран интересирање на договорот кој е стар речиси триесет години, туку и да предизвикаат реакција кај руските власти.

Со оглед на тоа што спогодбата е потпишанa за времето на студената војна, РСМД денес во голема мера го има изгубено својот статус. Денес е тешко да се претстави дека Европа е арена на директен воен судир помеѓу САД и Русија, дури и во контекст на настаните во Украина. Згора на тоа, со оглед на фактот што РСМД претставува договор помеѓу две земји, тоа не ги ограничува останатите да развиваат ударни системи со среден и мал дострел. 

Договорот за РСМД е склучен во 1987 година, а со него е предвидена ликвидација на сите видови ракети со радиус на дејствие од 500 до 5.000 километри. Овој документ е донесен во времето кога територијата на Европа се сметаше како главна сцена за можен воен конфликт помеѓу САД и СССР. Со кусото време на летање, ваквите ракети можеа да имаат решавачко влијание во воените дејствија. Нивната главна задача беше уништување на системите за управување со војската. Одлуката за ликвидација на овој вид оружје не само што го намали нивото на спротивставеност во Европа, туку беше и база за идните намалување на обичното вооружување во регионот.

И во Москва и во Вашингтон сфаќаат дека актуелноста од откажувањето од ударни системи од среден и мал дострел секојдневно опаѓа. Особено за руската страна. Вакви технологии активно развиваат нејзините непосредни соседи – Кина, Иран, Северна Кореа. До пред неколку години во Русија се водеше активна дискусија во врска со тоа  колку РСМД  одговара на нејзините интереси во современи услови. Руските воени лица и директно зборуваа за можноста за излегување од спогодбата. 

Сепак, во последниве неколку години информациски фон околу РСМД создаваат САД. Кон крајот на 2013 година американските медиуми за првпат објавија информација за тоа дека Вашингтон се сомнева оти Русија ги нарушува условите од договорот. Деталите за американските забелешки се непознати. Експертите претпоставуваат дека тие се однесуваат на два перспективни вида руско ударно оружје: балистичката ракета РС-26 Рубеж и крилатата ракета Р-500. Рубеж формално не влегува во договорот, со оглед на тоа што неговиот максимален дострел го надминува плафонот кој е определен со РСМД. Сепак, специфичноста на тестирањето (ракетата успешно го помина тестирањето на оддалеченост помала од 5.500 километри) дава можност за претпоставка дека главната намена на ракетата се цели на средна оддалеченост. Во однос на Р-500 сомнеж предизвикува максималниот дострел – постои основа за претпоставка дека таа ја надминува долната граница на РСМД од 500 километри. 

Руските официјални лица секогаш активно реагирале на кое и да е обвинение за нарушување на условите од РСМД, кои доаѓале од Вашингтон. И најновиот случај не е исклучок – министерот за надворешни работи Сергеј Лавров уште еднаш ги опомена Американците за тоа дека нивните забелешки не се конкретни. Фактот дека Вашингтон досега нема доставено уверливи докази за тоа сведочи дека САД не поседуваат телеметриски податоци неопходни за потврдување на своите обвинувања. 

Европа повторно на линијата на огнот?
Кризата во руско-американските односи продолжува да ја уништува нивната институционална база, поставена уште во времето на студената војна. Под закана се најде и Договорот за ликвидација на ракети со среден и мал дострел (РСМД), без кој Европа може повторно да стане арена за нуклеарно спротивставување на наддржавите.

Руската страна треба да сфати дека секој обид за воведување класа ракети со среден или со мал дострел, дури и со формално придржување кон условите на РСМД, претставува игра со оган. Без оглед на тоа што договорот нема ограничување во врска со рокот до кој дејствува, членот 15 дозволува излегување од него доколку под закана се ставени „највисоките интереси“ на некоја од страните. Секој обид на Русија за повторно создавање ракети од среден и мал дострел, дури и ако се во согласност со РСМД, ќе предизвика дејствија од страна на САД, меѓу кои ќе биде и излегување од договорот. 

Престанувањето на дејствието на РСМД во прв ред значи удар токму по руската безбедност. При такво сценарио САД ќе добијат можност да ги вратат своите ракети со среден и мал дострел во Европа. Теоретски Вашингтон може да ги стационира не само во земјите од Западна Европа, како што беше случај за време на студената војна, туку и на териториите на новите членки на НАТО. Ваквите дејствија ќе го намалат времето на полетување на овие ракети до руските стратешки објекти на неколку минути, создавајќи потенцијал за удар без оружје. Москва не располага со ресурси за адекватен одговор на ваквите предизвици и ќе биде принудена да троши огромни сили и средства за создавање системи за контрирање на овој потенцијал. 

Во исто време, ваквиот бран на затегнатост е тешко да се претстави дури и при сегашното ниско ниво на руско-американските односи. Сосема е можно Вашингтон да сака да ја вовлече во дискусија Москва преку каналите на „разоружување“, кои секогаш се одликувале со висок степен на доверба. Во секој случај, судбината на РСМД денес во прв ред завиди од тоа дали Русија има донесено одлука за повторно создавање на класи ракети кои се ликвидирани според условите од договорот. Доколку има таква одлука, со доволно докази САД ќе се откажат од договорот. Доколку не постои такво нешто, тогаш обидот за обезбедување доверлива комуникација преку дијалог во областа на контролата над вооружувањето претставува уште едно сведоштво за стремежот на САД за повторно воспоставување нормални контакти со Русија. 

Александар Чеков е професор на катедрата за меѓународни односи и надворешна политика на Русија на Московскиот државен институт за меѓународни односи, аналитичар на агенцијата „Надворешна политика“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња