Карикатура: Константин Малер
Оваа недела во Бризбен, Австралија, се одржува редовната средба на највисоко ниво на земјите од „големите дваесет“. Бурните настани околу Украина, исчезнувањето на „големата осумка“, острите, на граница на пристојноста изјави на земјата-претседавач Австралија на адреса на Русија, се разбира, направија да се гледа на „големите дваесет“ низ призмата на овој конфликт. Меѓутоа, покрај сета важност на украинската колизија за глобалната политика, ова е само епизода во процесот на воспоставување нов светски поредок. А „големите дваесет“ се способни тука да одиграат забележлива улога.
Овој меѓународен форум последниве години привлекува најголемо внимание. Наспроти традиционалните институции кои со мака се адаптираат на интензивните промени на меѓународната ситуација, Г-20 е нова структура, формирана токму за да одговори на современите предизвици. Се разбира дека таа не поседува универзална легитимност како ООН и не се раководи според формалниот статут и критериумите за членство. Но затоа нејзиниот состав е претставителен, таму државите не се само влијателни и економски богати, туку и сосема разновидни и не се обединети околу некаков ист тип култура или идеологија.
Минатата година претседавач со „големите дваесет“ беше Русија и сите се согласни дека Москва успешно ја исполни функција. Средбата на лидерите во Санкт-Петербург стана апотеоза. На неа, како што се разјасни набрзо по состанокот, се одржаа важни консултации кои овозможија да се спречи нова војна на Блискиот Исток и да се најде елегантно решение на прашањето за хемиското оружје на Башар Ал-Асад. Клучната улога ја одигра Владимир Путин.
Денес, сепак, настаните од пред една година изгледаат како далечно минато. Украинската криза ја смени во корен светската политика, Русија, која требаше да биде на чело на „големата осумка“, фактички беше тргната на страна од тоа и исклучена од форумот.
Самитот во Австралија, се разбира, ќе биде тензичен. Низа земји ќе се обидат да демонстрираат аверзија кон Русија, а други ќе почнат да ја акцентираат неопходноста од заеднички активности за стимулирање на светската економија и дури, се разбира, важноста од недопуштање на чекори кои, напротив, ја туркаат кон рецесија.
Како и да е, „големите дваесет“ се поблиску од останатите организации да станат прототип на новите органи на глобалната управа. Русија треба да им посвети на „големите дваесет“ приоритетно внимание, бидејќи тоа е формат во кој Москва никогаш нема да биде осамена. Работата во тие западно-ориентирани конфигурации на кои сме навикнати денес е малку ефективна. Може да се дискутира зошто се случи така, но Русија сега нема поддршка на Запад. „Големата осумка“ формално се распадна поради Крим, но, во суштина, таму Русија веќе одамна се гледаше како туѓ елемент. Искуството од Советот Русија-НАТО и дури и ОБСЕ (со сета хетерогеност и инструментална корист од оваа организација) дава ваква слика: Русија – на една страна, останатите – на друга.
Во „големите дваесет“ такво нешто не може да се случи. Жешката дискусија за Сирија во септември 2013 година покажа раскол, точно на половина, на приврзаниците на американскиот и рускиот пристап. Присутството во групата на многу влијателни земји кои не го следат курсот на Вашингтон (пред сѐ БРИКС, но не само тие), дава можност за маневрирање, за создавање коалиции. А Русија е заинтересирана „големите дваесет“ кои во минатото се појавија како место за дискусија за глобалната економија, официјално да го прошири својот интерес врз политиката. Зашто политиката денес има решавачко влиајние врз економијата. А подобро балансиран состав на земји од „големите дваесет“ сега-засега сепак нема и тешко дека наскоро ќе се појави.
Оригиналниот текст на сајтот на Росијскаја газета.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче