Што ќе се случи со Јужен тек?

Илустрација: Константин Малер

Илустрација: Константин Малер

Проектот Јужен тек сега е поактуелен од кога и да било. Новонастанатата геополитичка ситуација ја крева вредноста на дополнителните линии за транспорт на гас од Русија во Европа, иако правни колизии сè уште постојат и, згора на тоа, се користат како оружје во новата борба на заинтересираните групи.

Тешко е да се замисли дека пуштањето во експлоатација на Јужен тек ќе биде проследено со зголемување на извозот на гас од Русија, зашто капацитетот на новиот гасовод ќе изнесува 63 милијарди кубни метри гас годишно, а малку веројатно е дека потрошувачката на руски гас во догледно време толку ќе се зголеми.

Клучната цел на проектот Јужен тек е да обезбеди сигурна испорака на гас од Русија во Европа. Системот на цевководи преку кои гасот се извезува во странство мора да биде изграден така што во случај на потреба да постои замена за секоја, па дури и за најважната линија. Во овој момент годишниот извоз на Гаспром во Европа зависи од климатските услови и од околностите на европскиот пазар. Според грубата проценка, сега за транспорт на гас во Европа потребните цевководи се со капацитет од 130-140 милијарди кубни метри годишно, доколку не се земе предвид извозот на гас во Холандија, балтичките земји и Турција, зашто тој гас се транспортира преку одделни цевководи. Во моментов гасот во Европа се испраќа делумно преку Северен тек, делумно преку Белорусија и делумно преку Украина. Капацитетот на Северен тек е 55 милијарди кубни метри годишно, и тоа при максимално оптоварување, додека белорускиот систем може да обезбеди транзит на околу 35-40 милијарди кубни метри, а украинскиот 140-150 милијарди кубни метри годишно.

Појавувањето на Јужен тек ќе овозможи гасот без препреки да се испорачува дури и ако се исклучи која било од сегашните линии, пред сè украинската. Ова не значи дека Гаспром автоматски ќе го отфрли транзитот преку Украина, но неговата зависност од делувањето на украинските власти секако ќе биде неспоредливо помала. Освен тоа, во услови на прилично силна конкуренција на европскиот гасен пазар, Гаспром е подготвен да ја намали цената, така што потрошувачите од Европа не треба да стравуваат дека дополнителните трошоци ќе се одразат на нивниот џеб. 

Голема поддршка за Јужен тек
Учеството на Австрија во изградбата на гасоводот Јужен тек од Русија во Европа доведе до тоа што проектот го поддржаа и други европски земји. Во рамките на посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Балканот, поддршка на проектот дадоа и Словенија и Србија.

Во европските земји во текот на оваа година често се поставуваше прашањето за ризикот поврзан со можноста за запирање на украинскиот транзит. Јужен тек за само неколку години може да го симне ова прашање од дневниот ред, и поради тоа овој проект е исплатлив за европските потрошувачи. За волја на вистината, од економска гледна точка неговите параметри се под голем знак прашање. На пример тешко е да се замисли дека пуштањето во експлоатација на Јужен тек ќе биде проследено со зголемување на извозот на гас од Русија, зашто капацитетот на новиот гасовод ќе изнесува 63 милијарди кубни метри гас годишно, а малку веројатно е дека потрошувачката на руски гас во догледно време толку ќе се зголеми. 

Овој проект се реализира во преоден период на европскиот пазар, што на Јужен тек му даде конфликтна заднина и ја зголеми неговата политичка обоеност. Јужен тек се најде во двоен виор на политичките проблеми. Од една страна, последниве години постојано се поставува прашањето за неговата усогласеност со Третиот енергетски пакет, односно со европските прописи кои забрануваат една иста компанија да се занимава со експлоатација и со транспорт на гас. Европската комисија одамна бара од земјите на ЕУ да ги почитуваат овие прописи. Строго гледано, според сегашните закони Европската комисија не може да им забрани на руските и на бугарските компании да ги постават цевките во согласност со склопените меѓународни спогодби, но може да создаде ситуација во која ќе биде забранет транспорт на гас низ тие цевки. Во секој случај, властите на европските земји што учествуваат во овој проект имаат можност да изберат: или да продолжат со работата без оглед на сите околности, и со самото тоа да ја налутат Европската комисија, или да ги запрат работите и да почекаат. Бугарското раководство ја избра втората варијанта. Ова беше направено со прилично голема бука, со закана дека ќе има работа со правосудните органи. Со самото тоа бугарските власти ѝ покажаа на Европската комисија дека Бугарија е солидарен играч, а всушност ништо не се промени кога станува збор за перспективите на проектот. 

Како и да е, неопходен е компромис помеѓу Гаспром и европските власти, но помеѓу нив постои принципиелен политички конфликт, зашто ниту една од страните не е подготвена да го менува својот модел на работа. Од една страна, Европејците имаат право од компанијата што работи на територијата на Европа да бараат почитување на европските закони. Од друга страна, постојат примери на обратна ситуација, да кажеме кога е во прашање работењето на ОПЕК. Оваа организација е картел, и тоа крајно неугледен картел, а во Европската унија картелите се строго забранети. На Европејците, сепак, не им пречи да купуваат нафта од компании од земји-членки на ОПЕК и за тоа да не бараат никакви дополнителни дозволи. 

Другото ниво на конфронтација е поврзано со украинскиот конфликт. И покрај тоа што постои очигледен стимуланс снабдувањето со гас да се диверзификува, постигнувањето на каков и да е консензус помеѓу руските и европските партнери повеќекратно е отежнато поради заострувањето на напнатоста на двете страни. За жал, тоа воочливо го забави и процесот на барање решение за Јужен тек. Но, со оглед на тоа дека двете страни се заинтересирани за проектот, најверојатно сепак ќе биде најдено компромисно решение, само што сега тој процес ќе биде понапорен и ќе трае барем неколку месеци подолго. 

Авторот е началник на Управата за стратешки истражувања во областа на енергетиката на Аналитичкиот центар при Владата на Руската Федерација.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња