„1 канал“: Зошто шкотски фармер реши засекогаш да остане во Русија?

Томас Хоџ, кој препороди еден земјоделски комбинат-загубар и замрено село, реши да остане во Ставрополскиот крај.

Родната Шкотска фармерот Томас Хоџ ја замени без никакви проблеми со ставрополската провинција, затоа што едноставно се заљуби во тој живописен крај. Го препороди замреното село и успеа да ги убеди сите дека дошол во вистински рај за фармери. Локалното население го нарекува антикризен менаџер или напросто волшебник.

Од земјоделски комбинат-загубар направи успешен. Мислел дека доаѓа накратко, но стопанството кое му беше доверено премногу го потсетуваше на семејниот имот во Шкотска, а ако на тоа се додадат уште и прекрасните локални пејзажи, тој реши да остане. Се надева – засекогаш.

На работниците платата за две години им е зголемена двојно, купи нови машини и направи уште многу други нешта. Клучот на неговиот успех, како што тврди, лежи во дисциплината (насекаде има камери), во луѓето кои ја сакаат земјата и земјата која и самиот ја засака.

„Земјата овде дава многу повеќе отколку кај нас во Шкотска“, тврди Хоџ.

Во репортажата на „Прв канал“ тој на руски чита стихови.

Планира да засади и овоштарник и да изгради млекарница, а санкциите ги смета за добредојдени. Не сфаќа зошто Русите би купувале јаболка од Полска, кога можат да имаат свои, а истото важи и за млечните производи, вели тој.

Претпријатието што го раководи издвоило средства за реновирање на Домот на културата, а за амбулантата купил ново возило за брза помош и дијагностички апарат, па сега овде доаѓаат и луѓе од околните, многу поголеми села.

Хоџ сака да остане во ставрополското село и да живее како и сите други, со само една разлика – англиска градина, која планира да ја засади околу својата куќа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња