Москва загрижена поради ескалацијата на Корејскиот полуостров

Кремљ со загриженост гледа на ескалацијата на ситуацијата на Корејскиот полуостров, Москва предупредува против провокативни акции во регионот, изјави портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков.

„Москва со голема загриженост ја набљудува ескалацијата на затегнатоста на Корејскиот полуостров, ги повикуваме сите земји на воздржаност, ги предупредуваме земјите од преземање какви било акции кои би можеле да значат некакви провокативни чекори“, изјави Песков, пренесува РИА „Новости“.

Ова беше одговорот на портпаролот на Кремљ на барањето да даде коментар за влошувањето на ситуацијата меѓу САД и Северна Кореја и меѓусебната размена на закани помеѓу двете земји и на прашањето дали Москва смета дека е потребно Русија да се вмеша во ситуацијата на дипломатско ниво.

„Се разбира, Русија зазема мошне конзистентна  позиција за прашањето за неширење (на нуклеарното оружје), продолжува да ја одржува таа позиција, продолжува да биде поддржувач на политичко-дипломатските методи на решавање на сите кризи, вклучително и на севернокорејската“, изјави Песков.

Претходно американската телевизија Ен-Би-Си повикувајќи се на разузнавачки извори објавија дека САД можат да извршат превентивен напад врз Северна Кореја за спречување на уште едно тестирање на нуклеарно оружје. САД, исто така, испратија кон бреговите на Корејскиот полуостров ударна група предводена од носачот на авиони „Карл Винсон“. Северна Кореја, како и во многу случаи претходно, им се закани на САД со нуклеарен напад.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња