Лавров: Нема никаква студена војна меѓу Русија и Западот

Меѓу Русија и Западот нема никаква студена војна, меѓутоа светскиот поредок се движи кон поголема демократизација и полицентризам, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров во интервју за магазинот „Национален Интерес“.

„Не сметам дека меѓу нас има студена војна. Идеолошки меѓу нас нема разлика. Да, има нијанси во тоа како се управуваат земјите на Западот и како се управува Русија. Во основата на сѐ лежи темелот – демократија, организација на политичкиот систем со почитување на опозицијата и пазарната економија“, изјави шефот на руската дипломатија за „Национален Интерес“.

Тој исто така истакна дека сегашниот светски поредок се оддалечува од идеите на западната доминација и тоа е поврзано со појавата на глобалните закани на кои светот може да даде одговор единствено заеднички. Министерот прецизираше дека зборува за тероризмот, организираниот криминал, трговијата со дрога и климатските промени. Покрај тоа, Лавров соопшти дека сѐ поголема улога на меѓународната сцена почнаа да играат Кина, земјите од Азиско-Тихоокеанскиот регион, Латинска Америка и Африка.

„Наречете го тоа „мултиполарност“, „полицентричност“, наречете го тоа „поголема демократичност“, но тоа се случува. И економската, финансиската моќ, како и политичкото влијание денес се распределени многу порамномерно“, заклучи министерот Лавров, пренесува „Лента.ру“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња