Медиум: Попусто Европа се плаши - НАТО е воено посилен од Русија

„Непредвидливата и агресивна“ Русија ѝ влева страв на Европа, пишува швајцарското издание „Ноје Цирхер Цајтунг“. Многу земји-членки на НАТО ги зголемуваат трошоците за одбрана. Сепак, според воената сила, Северноатлантската алијанса и без тоа неколку пати ја надминува Русија, убеден е експертот за безбедност на германскиот научен институт BICC Мариус Балес.

„Европејците се плашат од Русите“, пишува „Ноје Цирхер Цајтунг“. Русија станува „сѐ понепредвидлива и поагресивна“, констатира швајцарското издание.

„Во Украина Русите покажаа колку се мобилни“, изјави министерката за одбрана на Норвешка Ине Ериксен Сорејде. „Во Сирија тие докажаа дека се способни да спроведуваат воени операции во далечни земји“.

Долги години трошоците за одбраната во Европа се намалуваа. На оваа тенденција, сепак, ѝ дојде крајот, смирува изданието. Шведска го зголемува својот воен буџет и во 2018 година ќе ја врати регрутацијата. Финска има намера да ја зголеми бројноста на нејзината војска за 20%. Норвешка инвестира во борбени авиони и подморници. Литванија, исто така, повторно воведува задолжителна воена служба и ги зголемува трошоците за одбрана. Не заостануваат и другите балтички земји, исто и Полска, Чешка и Словачка, истакнува изданието.

Покрај тоа, наредниве години ќе се зголемат воените буџети во Западна Европа, продолжува „Ноје Цирхер Цајтунг“. Германија има намера да го зголеми борбениот потенцијал на Бундесверот. Земјите како Велика Британија, Италија и Холандија, нарачаа „најнапредни американски ловци Ф-35“, потенцира швајцарското издание.

Експертот за безбедносни прашања од германскиот научен институтот BICC (Bonn International Center for Conversion) Мариус Балес истакнува дека „ако сите членки на НАТО трошат два отсто од буџетот за одбрана, на располагање ќе имаат дополнителни 100 милијарди евра за воени потреби“. Сепак, според воената моќ Алијансата и без тоа „неколку пати ја надминува Русија“, убеден е Балес, пренесува RT.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња