Црна Гора високо го цени своето повеќевековно пријателство со Русија, но не е подготвена да ѝ дозволи на Москва да донесува одлуки наместо Подгорица, изјави во интервју за „Тајм“ премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ. Патот на Црна Гора, според него, е потполно јасен: влез во ЕУ и НАТО, пишува „Тајм“.
На прашањето чуму му е на НАТО малата балканска земја, Марковиќ одговори дека Црна Гора има важна стратешка положба, а нејзините пристаништа се многу важни за противниците на Алијансата, вклучувајќи ја и Русија, која по конфликтот во Сирија почна да бара воена поморска база во топлите мориња.
„Русија е многу заинтересирана за проширување на своето влијание на брегот на Јадранското море и одлуката на Црна Гора за приклучување на друг цивилизациски круг претставува пречка за тоа. Сето тоа е поврзано со стратешкиот конфликт на глобалните интереси, со борбата за превласт меѓу НАТО и Западот од една страна, и Русија од друга. Црна Гора повеќе од три века високо го вреднуваше своето пријателство со Русија и никогаш нема да дозволиме нашата територија да се користи за какво било загрозување на безбедноста на Русија. Па сепак, планираме да ги браниме нашите интереси и интересите на Западот. Кога би ѝ дозволиле на Русија да зајакне или да добие значително влијание врз Западен Балкан, тоа би значело да би го загубиле нашиот суверенитет, кој сепак би сакале да го задржиме. Затоа не сме подготвени да ѝ дозволиме на Русија да донесува одлуки место нас и да го одредува курсот што треба да го следиме“, изјави премиерот на Црна Гора.
Марковиќ изјави и дека Москва наводно се вмешала во изборниот процес во Црна Гора и дека Кремљ ги поддржувал политичките сили кои се против НАТО.
„Русија сака нашата влада, судството, обвинителството, полицијата и војската потполно да изгубат смисла. Ние нема да го дозволиме тоа. Знаеме дека тоа е поврзано со бројни ризици, но должни сме да го штитиме нашиот уставен поредок независно од тоа што сака руската страна“, изјави премиерот на Црна Гора.
И покрај јакнењето на Русија на меѓународната сцена, Црна Гора нема дилеми: „Нашиот пат е јасен, тоа се ЕУ и НАТО. Знаеме дека Алијансата ќе влезе во нова фаза на развој и веруваме дека со новиот американски претседател само ќе добие на сила“, изјави Марковиќ.
Тој исто така изјави дека не верува дека Путин и Трамп ќе склучат некаква „грандиозна политичка зделка“, со која Москва ќе ја прошири својата сфера на влијание на Балканот. „Мислам дека одамна помина времето кога лидерите на земјите можеа на тој начин да ја решаваат судбината на светот“, рече црногорскиот премиер.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче