Медиуми: Што се знае за загинувањето на легендарниот командант „Гиви“?

Министерството за одбрана на самопрогласената Донецка Народна Република потврди дека како резултат на терористички напад во средата е убиен еден од најпознатите команданти на бунтовниците - Михаил Толстих-Гиви.

„Потврдувам: тој загина“, изјави за „Взгљад“ заменик-командантот на оперативната команда на ДНР Едуард Басурин, коментирајќи ги информациите за загинувањето на командантот на единицата „Сомалија“ Михаил Толстих-Гиви како резултат на терористички чин.

Терористичкиот напад се случил во средата околу 6 часот. Новинарот и блогер Иван Рахметов на својата страница на „Фејсбук“ соопшти дека штабот на бунтовниците бил гранатиран од систем „Шмељ“. На местото на терористичкиот напад се врши истрага.

Од обвинителството на ДНР соопштија дека веќе се на трагата украинска диверзантско-разузнавачка група за која се претпоставува дека го извршила нападот.

Извор во безбедносните структури потенцира дека овој настан е поврзан со претходното убиство на командантот на баталјонот „Спарта“ Арсениј Павлов-Моторола и дека зад терористичките напади стојат специјалните служби на Украина.

Михаил Толстих-Гиви и Арсениј Павлов-Моторола беа истакнати борци во борбите за Иловајск и Донецкиот аеродром.

По загинувањето на Моторола, Гиви вети дека ќе се одмазди за својот другар. По заканите упатени до него, Гиви изјави дека не се плаши од ништо и дека нема што да загуби.

„Ги читав коментарите дека другарите Украинци ме поздравуваат. Не се плашам од ништо. Нема што да загубам. Знам дека ја правам правилната работа. Се борам за својата земја и слободната република“.

„Ќе продолжам да живеам како командант на воена единица. Можам да се опкружам со силно обезбедување, но нема да го сторам тоа. Не се плашам за својот живот. Не се чувствувам значаен како Арсен. Арсен беше многу позначаен човек од мене“, изјави Гиви.

Во ДНР се засилени мерките на безбедност. 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња