Русија воспостави погранична зона на границата со Белорусија

Директорот на ФСБ Александар Бортников нареди да се воспостави режим на погранична зона на границата со Белорусија.

По должината на руско-белоруската граница ќе биде воспоставен режим на погранична зона, следува од наредбите потпишани од директорот на Федералната служба за безбедност на Русија Александар Бортников. Претходно таква зона на границите на руските региони со Белорусија немаше.

Во трите документи, објавени на интернет-порталот за правни информации, е наведено дека на границата на Брјанската, Смоленската и Псковската област треба да бидат опремени места и да се определи времето за премин на луѓе и влез на транспортни средства во пограничната зона. Покрај тоа, наложено е да се постават знаци за предупредување. Ваквите мерки се објаснуваат со создавање на потребните услови за заштита на државната граница на Русија.

За контрола на исполнувањето на наредбите е задолжена пограничната служба на ФСБ.

На 9 февруари во Белорусија ќе стапи во сила декретот за петдневен безвизен режим за граѓаните на 80 земји при преминувањето на државната граница на аеродромот во Минск. На листата се сите земји-членки на ЕУ, како и САД, Бразил, Јапонија и други. Бидејќи границата меѓу Русија и Белорусија формално постои и во пракса е лесно да се помине без какви било проверки, државјаните на трети земји на кои за посета на Руската Федерација им е потребна виза, добија можност да влезат на руска територија без да ги поминат неопходните бирократски процедури. Во врска со тоа ФСБ на почетокот на јануари почна да ги проверува документите на сите патници кои пристигнуваат на аеродромите во Москва од Минск, пишува „Лента.ру“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња