Кремљ ја коментираше идејата на Трамп за нуклеарно разоружување

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков потсети дека нуклеарното оружје претставува елемент на глобалната стабилност, иако РФ секогаш се залагала за разоружување, но единствено ако тоа е пропорционално.

Симетрично намалување на нуклеарниот потенцијал е недозволиво, составот на нуклеарната компонента во САД и РФ е различен, изјави портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков.

„Нуклеарното разоружување е концептуален сеопфатен поим, но се состои од огромен број нијанси за кои зборувавте. Тоа не може да биде диспропорционално. Композицијата на таа нуклеарна компонента во САД и кај нас во земјата е различна. И затоа некакви симетрични намалувања тука се апсолутно неприфатливи и неумесно“, изјави Песков во интервјуто за емисијата „Вести во сабота“ со Сергеј Бриљов.

Според него, „тие можат да доведат до нарушување на она што претставува основен момент – тоа е нуклеарниот паритет, нуклеарното одвраќање.

Уште пред својата инаугурација претседателот на САД Трамп изјави дека може да се разгледа опцијата за укинување на санкциите против Русија во замена за значително намалување на нуклеарните арсенали.

Но, потенцира Песков, нуклеарната компонента игра критичка улога во обезбедувањето на глобалната стабилност и безбедност.

„Затоа поврзувањето на прашањето на санкциите и прашањето на нуклеарното разоружување тешко дека ќе биде возможно во иднина од експертска гледна точка. Нашиот претседател повеќе пати кажа дека прашањето на санкциите не е тема на нашата агенда. Русија не беше иницијатор на ситуацијата со ова прашање. И нема да биде, според Путин, иницијатор на укинувањето на некакви санкции“, изјави Песков.

Истовремено, Песков истакна: „Што се однесува во целина до сеопфатниот поим за нуклеарното вооружување, Русија секогаш – и Путин за тоа зборуваше повеќе пати – беше и останува приврзаник на намалувањето на нуклеарното оружје. Но за фер, пропорционално и без нарушување токму на таа рамнотежа“.

Новата администрација на САД треба да влезе во тек со работите, во сите нијанси на билатералните односи, изјави Песков, пренесува „Интерфакс“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња