Телевизијата РТ вклучена во интерната информативна мрежа на ООН

Речиси сите политичари и дипломати ја гледаат РТ (RT) , изјави рускиот амбасадор во ООН Виталиј Чуркин.

ТВ-каналот РТ (RT) е вклучен во интерната информативна мрежа на Обединетите нации во Њујорк. Според постојаниот претставник на Русија во ООН Виталиј Чуркин, речиси сите политичари и дипломати ја гледаат РТ.

Чуркин истакна дека оваа телевизија се стекна со популарност благодарение на нејзината упорност и храброст. Овие особини, според мислењето на рускиот дипломат, ја прават РТ како ООН.

„Мислам дека ООН и РТ се двете најпознати и најпрепознатливи кратенки во светот. Се разбира, ООН е институција која одамна постои, а РТ е млада телевизија, но и двете се храбри, енергични, талентирани и упорни“, изјави Чуркин, пренесува РТ на руски.   

Според него, телевизијата РТ е популарна меѓу странските политичари, дипломати и јавни личности, кои не само што ја следат нејзината програма, туку и дискутираат за неа.

„Да признаеме: сите ја гледаат РТ. Дипломатите, амбасадорите, министрите за надворешни работи, шефовите на држави и влади. И не само што ја гледаат, туку и дискутираат, а исто така за работата на РТ даваат јавни изјави. Понекогаш во нивните критики изгледаат како претставници на службата за односи со јавноста на РТ, што и ја прави оваа медиумска куќа толку позната во целиот свет. Сега тие можат тоа да го прават и без да ја напуштат зградата на ОН“, изјави постојаниот претставник на Русија.

Според мислењето на експертот за геополитика Патрик Хенингсен, РТ се разликува од другите телевизиски канали со тоа што има свој стил, што го прави толку популарен.

„РТ се издвојува по тоа што произведува разновидни информативни програми, различни документарни содржини, а тоа ги привлекува гледачите“, изјави Хенингсен.

Според него, критиката со која во последно време се соочува РТ има врска само со тоа што овој ТВ-канал има сопствен став кој не се совпаѓа со ставот на другите светски медиуми.

„Западните критичари не го сфаќаат тоа, затоа што предолго бевме во својот сопствен свет. А РТ зазема независен став и не работи како останатите. Токму тоа привлекува голем број гледачи“, истакнува Хенингсен.     

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња