Шувалов: Санкциите и контрасанкциите наскоро можат да бидат укинати

Руската влада во својата работа треба да поаѓа од фактот дека западните санкции против земјата и ембаргото на храна воведено како одговор наскоро можат да бидат укинати, убеден е првиот вицепремиер на Русија Игор Шувалов.

„Изгледа дојде време да се сфати дека санкциите или контрасанкциите наскоро ќе престанат да важат. Како и да е, во мојата работа, јас и министерот за земјоделство, министерот за економија, најверојатно, ќе мораме да поаѓаме од фактот дека контрасанкциите ќе бидат укинати. Дури и ако не се случи тоа, тоа ќе биде уште една задача за нас“, изјави Шувалов, говорејќи на дискусијата на „Гајдаровскиот форум“ посветен на конкуренцијата, пренесува РИА „Новости“.

Вицепремиерот призна дека пазарот на прехранбени производи порано или подоцна ќе мора да се отвори.

„Како ќе се развива политичката агенда, ќе видиме, сега ќе дојде новата администрација на САД, како сето тоа ќе се развива во нивниот дијалог – САД и ЕУ, како ќе разговараат со нас. Вие ја знаете позицијата на нашиот претседател: подготвени сме секогаш за тој дијалог толку колку што за тоа се подготвени нашите партнери“, додаде првиот вицепремиер.

Контрасанкциите ја променија ситуацијата на рускиот пазар, констатира Шувалов. Во продажбата на мало влегоа производи на регионалните производители, кои не би успеале да се пробијат на пазарот во поинаква ситуација. Навиката на домашните добавувачи да живеат во услови создадени од рестрикции може да резултира со лоши последици, смета тој.

„Потребен ни е здрав елемент на конкуренција за да тие (руските добавувачи) бидат посилни“, - рече заменик-премиерот.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.