Шефот на ЦИА се надева на добри односи со Русија

Џон Бренан, директорот на ЦИА, изјави дека руско-американските односи можат да се подобрат со доаѓањето на новата администрација на Трамп.

Русија последниве години се обидува да влијае врз политичките процеси во Европа, и многу европски земји се загрижени за можните обиди на Москва да интервенира во претстојните избори во 2017 година, изјави директорот на ЦИА Џон Бренан, кој наскоро ќе ја напушти функцијата.

„Гледаме дека Русија презема многу чекори кои ги поткопуваат принципите на демократијата во многу земји. Она, што се случуваше во текот на последните избори (наводните руски сајбер-напади за време на предизборната кампања во САД), не е новост“, изјави Бренан во интервју за телевизијата Пи-Би-Ес.

Тој е убеден дека „Русија правеше напори за манипулација со изборите во земјите во Европа“.

„Гледаме дека тие користат корумпирани политичари, намераваат да финансираат партии и групи кои им одговараат на нивните интереси. Тоа е активна употреба и манипулација со политичкиот процес“, изјави директорот на ЦИА.

Бренан потенцира дека САД не можат да не му придаваат значење на тоа, затоа што во многу европски земји, особено во Германија и Франција, оваа година ќе се одржат избори.

„Морам да ви кажам дека постои висок степен на алармантност кај нашите европски партнери во однос на тоа какви асови Русија крие под ракав со цел да ги промовира своите интереси во рамките на изборниот процес“, рече директорот на ЦИА.

Во исто време, тој изрази надеж дека со доаѓањето на новата администрација на Трамп руско-американските односи може да се подобрат.

„Тоа не значи дека не можеме да најдеме начин да работиме заедно. А сега, со доаѓањето на новата администрација, ќе се појави можност да го направиме тоа. Се надевам на тоа. Но, фактите зборуваат за тоа дека  Русија неодамна се обиде да интервенира во нашиот изборен процес“, изјави Бренан, пренесува „Интерфакс“.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.