Авион Ту-154
WikipediaАвион на Министерството за одбрана на РФ Ту-154 се урна во утринските часови на 25 декември во Црното Море додека леташе за Сирија.
Информациите за патниците се различни – во моментов само се вели дека меѓу нив имало 68 музичари на воениот ансамбл „Александров“ девет новинари и осум членови на екипажот. Спасувачите од Министерството за вонредни состојби го пронајдоа телото на првата жртва.
Според претседателот на комитетот за одбрана и безбедност на Советот на Федерацијата Виктор Озеров, трагедијата се случила поради техничка неисправност на авионот или грешка на пилотите.
„Верзијата за терористички напад ја исклучувам целосно. Авион на Министерството за одбрана, воздушен простор на Руската Федерација, тука не може да има таква верзија“, рече Озеров.
Според руските медиуми, трагедијата се случила за време на искачувањето на авионот, сепак авионот не давал сигнали дека нешто не е во ред. Остатоци од авионот се најдени на 1,5 километри од крајбрежјето на Сочи (1620 километри јужно од Москва).
Во моментов, Министерството за вонредни ситуации и Истражниот комитет работат на местото. Стручњаците ја проверуваат документацијата пред летот, а исто така и испрашуваат и одговорни лица кои го контролирале летот, како и техничкиот персонал на аеродромот.
Според портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, шефот на државата е информиран за трагедијата.
„Од самиот почеток претседателот беше известен дека авионот исчезнал од радарот. Всушност, сега додека работат службите за итни случаи, службите на Министерството за одбрана, а авионот, како што е познато, му припаѓа на Министерството за одбрана. Сега, сите информации се доставуваат откако ќе се појават нови детали. Засега е рано да се каже било што. Претседателот чека сликата да биде во целост разјаснета“, рече Песков.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче