Обама ја ограничува воената соработка со Русија

Американскиот претседател Барак Обама го потпиша законот за буџетот за одбрана за 2017 година со кој се ограничува воената соработка со Русија, му се дава глобален статус на „Законот на Магнитски“ и се предвидува испорака на оружје за сириската опозиција.

Документот, на пример, му забранува на Министерството за одбрана на САД да одвои во 2017 фискална година средства за воена соработка со Москва сѐ додека Пентагон во координација со Стејт департментот на САД не го извести Конгресот дека Русија прекинала со „окупацијата на територијата на Украина и агресивните дејствија со кои се загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и членките на НАТО“, пренесува „Лента.ру“.

Исто така, пропишана е забрана за финансирање на „секакви активности“ со кои се признава суверенитетот на Русија над Крим. Исклучок можат да бидат само случаи поврзани со националната безбедност на САД.

Во документот, исто така, се предвидува издвојување на 4,3 милијарди долари за „одвраќање на Русија“. Овие средства ќе бидат потрошени за „политичка, економска и јавна дипломатија“, како и за воена поддршка на сојузниците во НАТО и другите партнери на САД во Европа и Азија.

Покрај тоа, законот за буџетот за одбрана му овозможува на претседателот на САД да воведе санкции против сите кои, според Вашингтон, се вмешани во корупција и кршење на човековите права. Санкциите вклучуваат блокирање на имот или средства кои се наоѓаат под јурисдикција на САД.

Во документот, исто така, се регулираат испораките за сириската опозиција, која ги поддржува активностите на САД во борбата против тероризмот, на преносни системи за противвоздушна одбрана и друго оружје. Заради обезбедување на воената помош, државниот секретар и министерот за одбрана ќе бидат должни да го информираат Конгресот и да добијат негово одобрение.

„Законот на Магнитски“ беше донесен во САД во декември 2012 година. Документот првично беше насочен против лица за кои се претпоставува дека се вмешани во смртта на адвокатот Сергеј Магнитски во затвор во 2009 година. На листата беа ставени оние на кои се однесуваа персоналите ограничувања. Подоцна листата беше надополнета со имињата на оние за кои САД ги сомничат за кршење на човековите права. Санкциите претставуваат забрана за влез во земјата и заплена на сите сметки во американските банки на оние кои се на листата.

Во септември рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Богданов предупреди дека испораките на САД и нивните сојузници на модерно оружје за сириската опозиција, вклучувајќи и противвоздушни средства - е контрапродуктивно и таквото оружје може да биде употребено против САД.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња