Русија и Кина блокираа во СБ ООН резолуција за Алепо

Русија и Кина ставија вето во Советот за безбедност на ООН на предлог-резолуцијата која предвидува прекин на огнот во сирискиот град Алепо.

Против документот гласаше и Венецуела, „за“ гласаа 11 членки на СБ, меѓу кои и САД, Велика Британија и Франција. Ангола беше воздржана, пренесува „Лента.ру“.

Нацрт-резолуцијата предвидуваше дека учесниците во воените дејствија треба „веднаш и целосно да ги прекинат сите напади кои можат да доведат до смрт или повреда на луѓе или оштетување на цивилни објекти“, а одредите на терористичките групи вклучени во листите на Советот за безбедност на ОН, должни се да го напуштат источниот дел на Алепо. Во документот, исто така, се предлагаше да се воведат редовни 48-часовни паузи во воените дејствија.

Пред гласањето, постојаниот претставник на Русија во ООН Виталиј Чуркин вети дека ќе ја блокира предлог-резолуцијата предложена од Нов Зеланд, Шпанија и Египет.

Претходно тој предложи да се одложи разгледувањето на документот до состанокот на руски и американски експерти. Дипломатот истакна дека на средбата меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џон Кери во Рим беше договорено да се развие план за Источно Алепо чиј клучен елемент е тоа што „милитантите треба да го напуштат градот“. „Ние веруваме дека за да биде ова сериозна резолуција на Советот за безбедност, ќе треба да ги почекаме резултатите од експертскиот состанок, а потоа да ја усвоиме резолуцијата“, изјави постојаниот претставник на Русија.

Од друга страна, портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер не ја потврди можноста за средба на експерти. „Имаше некои дискусии по средбата во Рим, дека ќе има технички разговори оваа недела, но во овој момент не можеме ништо да потврдиме“, изјави тој.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња