Путин го нарече Трамп „паметен човек“

Русија ќе ги брани своите интереси, но, како и досега, ќе ги почитува и интересите на другите земји, изјави претседателот на РФ Владимир Путин.

Претседателот на Русија Владимир Путин зборуваше во емисијата „Резиме на неделата“ на НТВ за тоа што очекува Москва од новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, за рамнотежата на силите во светот и за поранешниот премиер и бивш министер за надворешни работи на Русија Евгениј Примаков.

Трамп мошне брзо ќе го сфати новиот степен на одговорност кој тој го има како шеф на државата, убеден е Путин.

„Трамп беше трговец и претприемач. Денеска е веќе државен деец, денеска е веќе прв човек на Соединетите Американски Држави, една од водечките земји во светот, една од водечките економии на светот, водела воена суперсила. И штом можел да постигне успех во бизнисот, тоа кажува дека тој е паметен човек. А ако е паметен човек, тоа значи дека тој целосно и мошне брзо ќе го сфати другото ниво на одговорност. Ние поаѓаме од тоа дека тој ќе дејствува токму од тие позиции“, изјави рускиот лидер, одговарајќи на прашањето на водителката Ирада Зејналова за тоа дали Русија ќе успее да најде заеднички јазик со новиот претседател на САД.

Путин, исто така, коментираше за тоа зошто за време на дискусиите за решавање на ситуацијата на Блискиот Исток западните политичари не сакаат да го слушаат мислењето на Русија и ја засилуваа реториката.

„Ги слушаат оние чиј глас е доволно гласен за да ги слушнат. И ако ова е некаков незначителен елемент во меѓународните односи, тогаш, се разбира, може да се направи  да изгледа добро, но играта сепак ќе биде лоша во однос на оние кои не ги сметаат за доволно значаен партнер“, изјави претседателот на РФ.

Како што истакна Путин, комплексната ситуација на Блискиот Исток, особено ефектите од „Арапската пролет“, ги предвидел Евгениј Примаков.

„Убеден сум дека, можеби, ако тогаш нѐ слушаа, тогаш, можеби, до таков развој на настаните и немаше да дојде. Но морам да кажам отворено, нашите можности тогаш беа ограничени, ние директно не можевме да влијаеме во практична смисла на развојот настаните...“, рече шефот на руската држава.

Според рускиот претседател, во тоа време клучните фактори на меѓународната сцена претпочитале веќе да не се ориентираат според нормите на меѓународното право, туку се воделе од своите геополитички интереси.

Меѓутоа сега, потенцираше Путин, ситуацијата се менува. „Мислам дека, за никого повеќе не е тајна, сите гледаат дека многу од нашите партнери претпочитаат самите да ги применуваат принципите на меѓународното право, бидејќи рамнотежата во светот постепено се воспоставува. Па, тоа е неизбежно! Обидите да се создаде тој униполарен свет не успеаја. Ние живееме веќе во една друга димензија“, рече претседателот на Русија.

Русија ќе ги брани своите интереси, но, како и досега, ќе ги почитува и интересите на другите земји. „Токму така ние ќе ги градиме нашите односи со сите наши други колеги“, истакна Путин, пренесува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња