Путин раскажа за разговорот со Трамп

Претседателот на Русија Владимир Путин, говорејќи на меѓународниот форум „Примаковски читања“, зборуваше за неодамнешниот телефонски разговор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

„Ние се согласивме дека сегашната незадоволителна состојба на руско-американските односи, несомнено, треба да се поправи. Како што реков, нашата земја е подготвена да го изоди својот дел од патот“, изјави Путин, пренесува РИА „Новости“.

Рускиот лидер истакна дека односите со САД се деградирани не по вина на Русија. Сега, кога во Белата куќа наскоро ќе влезе новиот претседател, „би сакал да верувам дека ќе се појави шанса за подобрување на односите кои се важни не само за народите на двете земји, туку и за обезбедување на меѓународната стабилност и безбедност“, додаде тој.

Путин, исто така, ја потенцираше потребата да се создаде единствен, широк фронт за борба против тероризмот. „За жал, засега овој фронт не е создаден, но не постои алтернатива на тоа“, изјави тој. Според претседателот на Русија, решавањето на конфликтот на Блискиот Исток е можно само со ефективна соработка „на сите заинтересирани и влијателни меѓународни фактори“.

 

 

 

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.