Столтенберг го предупредува Трамп

Според генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, сега не е време за сомневање во вредноста на партнерството на Европа и во САД.

НАТО се соочува со најсериозните безбедносни проблеми во сегашната генерација - вакво мислење искажа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во неговата статија за весникот „Гардијан“. Според него, сега не е време за сомневање во вредноста на партнерството на Европа и во САД.

Тој истакна дека европските лидери секогаш ја разбирале бесмисленоста на решавање на безбедносните прашања поединечно и дека во текот на изминатите 67 години САД немале посигурен партнер од Европа. Столтенберг потсетува дека по терористичките напади на 11 септември 2001 година во САД европските армии се вклучија во борбата против тероризмот во Авганистан, во согласност со одредбите на Повелбата која вели дека напад врз една членка е напад врз целата Алијанса.

Според Столтенберг, во текот на последните неколку години се забележува зголемување на безбедносните закани поради „наметливата Русија" и хаосот во Северна Африка и на Блискиот Исток. Државите-членки на НАТО дадоа колективен одговор: САД, на пример, распоредија дополнителни контингенти во Источна Европа.

„Тоа е одвраќање, а не агресија. Ние се стремиме да не испровоцираме конфликт, туку да го спречиме тоа. Баталјоните на НАТО, кои бројат илјадници војници, не може да се споредат со руските единици кои бројат десетици илјади само на границата. Нашиот одговор е од одбранбена природа и пропорционален, но испраќа јасна и недвосмислена порака: напад врз еден ќе предизвика одговор од сите“, истакна генералниот секретар на Алијансата.

Партнерството меѓу Европа и Америка се заснова на длабока заедница на интереси и вредности, изјави Столтенберг. Трошоците на САД за одбраната на НАТО изнесуваат речиси 70 отсто и повиците за поправична распределба на товарот се фер, додаде тој.

„Во овие неизвесни времиња ни е потребно силно американско лидерство, а ние, Европејците, треба да го земеме својот фер дел од товарот. Но, пред сѐ, ние мора да ја признаеме вредноста на партнерството меѓу Европа и Америка“, потенцира генералниот секретар на НАТО.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња