САД:закани за кривичен прогон за руски дипломати ако се појават на изборите

Американските власти им укажаа на руските дипломати дека би можеле да бидат кривично гонети доколку се појават на избирачките места во текот на претседателските избори, соопшти прес-службата на амбасадата на Русија во Вашингтон.

„За жал, најчесто добивавме негативни одговори, дури и закани, според кои нашето интересирање за изборите и појавување на гласачките места би можело да подлежи на кривичен прогон“, соопшти руската амбасада во САД.

Од руската дипломатска мисија истакнуваат дека во најмала рака се зачудени од американското видување на нештата и потсетуваат дека мониторингот на изборите е „вообичаена функција на амбасадите“ и дека американските дипломати во согласност со неа делуваат во Русија.

„Во целина сме разочарани како реагираше администрацијата, особено од начинот на кој непријателски се претставува нашата желба да се занимаваме со вообичаените дипломатски активности, во очекување контактот со властите на земјата во која се наоѓаме да биде исполнет со почитување“, наведува прес-службата на руската амбасада во САД.

Исто така се вели дека руските дипломати не се обраќале до Стејт департментот со барање за мониторинг на изборите, туку во процедура, како што се истакнува „на учтиво извршување на дипломатските функции упативме до Стејт департментот известување за своите планови“.

Како што се наведува, руските дипломати сакале да се запознаат со американското искуство на организација и спроведување на гласањето. „За жал, најчесто добивавме негативни одговори сѐ до закани во вид на предупредување дека за нашето појавување на изборите би можеле да сносиме кривична одговорност“.

Членот на ЦИК Русија Василиј Лихачов претходно изјави дека можноста за мониторинг на американските претседателски избори во моментов се сведува на набљудување од далечина и дека руската страна не добила дозвола да испрати национална делегација. Американската амбасада во Москва не одговара, а Стејт департментот ја насочува целата работа кон Бирото за демократски институции и човекови права на ОБСЕ.

Москва, меѓутоа, нагласува дека Русија има право да одбира форма на мониторинг на изборите во САД, а присуството на национална делегација набљудувачи би дало многу пообјективна проценка отколку работата во состав на мисијата на ОБСЕ, пишува „Взгљад“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња